Зборувајќи за извесната разочараност која македонските граѓани ја почувствуваа по неговото интервју за БГНЕС, премиерот Зоран Заев во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ нагласи дека секогаш постапувал европски и пријателски во односите со Бугарија.
– Јас сум должен да ги правам првите чекори, пробивајќи го снегот. Една работа е добра – во овие месеци малку повеќе дознавме едни за другите – ние Македонците за Бугарите и обратно. Тоа треба да се користи во позитивен аспект, вели Заев.
Премиерот зборуваше и за неговото вчерашно обраќање спрема Бугарија.
– Вчера се обратив многу отворено, бидејќи се уште постои еден антагонизам кој не е во функција на пријателството кое искрено сакаме да го изградиме и Македонија и Бугарија. Во едни такви околности го говорам она што нашиот народ го мисли. Растев со нашиот народ, тоа е мојот идентитетски код, така и се поставени работите во државата, кажа Заев.
Тој зборува ја повтори и неговата изјава за „македонска жица“ кој беше актуелно по медиумите пред неколку години.
– Уште во 2013 година јас ја спомнав „македонската жица“ од еден македонски поет од Струмица каде се вели: Можете да ми ја скинете жицата од гитарата, јас ќе протегнам нова и ќе продолжам да свирам. Можете да ми ја скинете жицата на која сопругата простира алишта. Ќе протегнам нова. Може да правите што сакате со било која жица, важна или не важна во мојот живот, но како на Господ ве молам – Не ја чепкајте жицата македонска, затоа што изгубен во времето ќе го барам семето одејќи по жицата, потенцира Заев.