3a тoa дека, cмиcлата на Богojaвлeниe нe e cкокaњeтo по базените, нитy фpлањето на гyлабитe

Со векови и векови течат водите на свештениот Јордан, хранејќи го со влага тропското зеленило, кое расте покрај неговите брегови, среде пустинското пространство и непрегледните долини.

Брзите водни струи на Јордан ја оживуваат монотонијата во тој предел, кој некогаш, во дните на Стариот Завет, се одликувал со плодородие и богатство на растителен свет, сè до оној ден, кога се случило погубувањето на старозаветните нечестиви градови Содом и Гомор, чии жители, со своите беззаконија и гревови, го навлекле врз себе страшниот и праведен Божји гнев. Со векови лежи печатот на гневот Божји и нема таква сила во природата, која повторно би го оживеала пустиот дом.

Тага и скаменетост надоаѓа од јужната страна на Јорданската долина, каде што е расположено Мртвото Море, кое изобилува само со огромна содржина на сол и асфалт и кое не допушта вегетација на никаков живот во своите води и во апсолутно бесплодната почва на своите брегови. Окружено со безживотна неподвижност, тоа служи како мрачно потсетување за пустошот и смртта.

И колку често нашата душевна состојба е подобна на тој мртов басен, кога во нас гасне љубовта кон Бога, кога омртвува и се лади нашата душа, исполнувајќи сè со тага и униние, па ние почнуваме да бараме заштита од самите себе, од таа угнетувачка пустелија, која е внатре во нас, па очекуваме некој да ни помогне за да излеземе од тој духовен мрак.

Во една малку позната населба во палестинската земја, во семејството на еден добродушен и скромен дрводелец, минувале детството и младоста на Спасителот, Кој сè уште од никого не бил познат дека е ветенитот Месија. И ете, на Јорданските брегови, откако навршил 30-годишна возраст, примил крштение од светиот Јован Претеча, па потоа го започнал својот проповеднички подвиг. Откако Спасителот се крстил, се отвориле небесата, и Духот Божји во вид на гулаб слегол врз Него, и се слушнал глас од небото: „Ти Си Мојот возљубен Син, во тебе е Мојата волја“ (Лука 3: 22). Токму тука, на светот му била јавена Светата, Едносуштна, Неразделна Троица, и небото се отворило заради човекот, откривајќи му го царството на вечниот свет.

Духот Божји слегол на земјава, за да оживеат човечките срца, а со него слегло и благословението и гласот од небото, кој сведочел дека Христос навистина е Син Божји. Тоа ни го потврдуваат и зборовите од празничниот тропар: „Кога во Јордан се крштеваше, Господи, се потврди поклонувањето на Света Троица: гласот на Отецот сведочеше за Тебе и Те нарече Свој возљубен Син; и Духот во вид на гулаб, ја потврди вистината на тоа сведоштво…“.
Откако се крстил заради нашето спасение, Христос се оддалечил во пустината, и откако поминал таму четириесет дена и ноќи во пост и молитва, излегол меѓу народот за да проповеда.

Во тие дни, кога моќта на Римската империја ги угнетувала другите народи, кога неподносливиот тежок јарем на древното ропство, жестокоста, несправедливоста, пониженоста, безумниот раскош и деспотизмот на едните, а крајната бедност и обесправеноста на другите, ги раздразнувале карактерите и ги разнишувале моралните вредности, ете во едно такво време се слушнал гласот на Спасителот, кој најпрво повикувал на покајание, а преку покајанието – кон духовно вознесување.

Прогласувајќи го за основа законот на љубовта и милосрдноста, обраќајќи се кон најзаборавените, понижените и отфрлените, Христос директно говори дека секој човек, како носител на бесмртна душа, за чие искупување Бог и дошол на земјава, заслужува почит. Здравите немаат потреба од лекар, туку болните, говорел Христос, и знаејќи ја бездната на човечкото паѓање, Он ја знае и бездната на страдањата, па преку чудотворните милосрдности ги оживува и оздравува и душата и телото. Преку подвигот на Својот земен живот среде грешните и слабите, Христос им дарувал на луѓето прошка, милост и очистување.

„И одеше Исус по цела Галилеја и, кога поучуваше по синагогите, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ кај народот“ (Матеј 4: 23). Неговите проповеди биле необични, зашто никој никогаш не му се обраќал на народот со толку многу љубов, не принесувал толку многу радости и не говорел така, како што говорел Христос, никого не издвојувајќи, но на сите правејќи им добрини и милости. Во предвечните зборови на Новиот Завет звучела правдината на разобличувањето, состраданието, љубовта, безгрешната правда и мудрост.

„И по Него одеше многу народ од Галилеја и од Десеттоградието, од Ерусалим и од Јудеја, отаде Јордан“ (Матеј 4: 25). Останувајќи совршен Бог, а во исто време имајќи човечко тело и душа, Христос живеел на земјата како Човек, носејќи ја тешкотијата од нашето паѓање во грев и бремето на земниот живот, претрпувајќи лишувања, замор, гонења и страдања. Зашто „Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Матеј 20: 28).

И ете, доаѓа Он, секогаш окружен со толпа од народ, и се притискаат луѓето до Него и се туркаат да се допрат до крајот од Неговата облека, од која истекува извор со исцеленија. Прокажените, неизлечиво болните, слепородените, парализираните стануваат здрави. И се преродуваат порочните души и излегуваат од мракот и трулежот.
Така и Марија Магдалина, која била исцелена од Спасителот и од која биле прогонети седум демони, оставила сè и тргнала по Христа.

Жестокосрдечниот, себељубивиот и немилосрдниот Закхеј, кој најпрво од чисто љубопитство посакал да Го види Проповедникот, за Кого толку многу слушал, откако разбрал дека доаѓа Христос (како и секогаш, окружен со многу народ), па за да види кој е тој Учител, се искачил на една смоква, па откако им се вкрстиле погледите, почувствувал прелом во својата душа, а по посетата на Спасителот на неговиот дом, тој од корен го сменил начинот на живеење и тргнал по патот на добродетелите. Божјата љубов кон паднатиот човек, манифестирана во целата нејзина полнота, ги разбранувала со огромна сила светлите страни на неговиот дух.

Како светол бран, како буен поток тече во нашиот живот Божјата милосрдност. Доволно е само внимателно да погледнеме околу себе и ќе забележиме дека таа милосрдност постојано е тука, во наша близина. Поврзувајќи ја претставата за буен поток со мислите за неговата живоподателна способност, ние во своите мисли насликуваме слика на оживување на природата, зашто во близината на водните извори има бујно зеленило и слободно дишење, а добро ни е познато и тоа, колку многу плискањето на водата го одмора нашиот ум и пријатно е за нашите уши.

Јавувајќи се како симбол на расцутување, растење и очистување, а во исто време и како материја која е совршено неопходна за секое живо суштество, водата се идентификува како извор, кој го заситува чувството на духовна жед, кој го потпомага растот на духовните сили, кои, пак, се оросени со живата вода од Божественото слово. Затоа празникот на Господовото Крштение е толку многу торжествен, а во исто време и трогателен, зашто богослужбата завршува со големиот Богојавленски водосвет, во кој светиот Крст се потопува во водата, па на таков начин водите се осветуваат, а ние, пак, во своите мисли веќе имаме претстава за сето она, што се случувало на бреговите на реката Јордан.

Фактот што празнувањето на овој величенствен празник кај нас се случува во зимските денови, кои честопати се случува да бидат со големи студови и мразови, нè потсетува да не заборавиме дека животворниот и светол извор, кој ни дава да ја почувствуваме сопствена внатрешна духовна топлина, никогаш не замрзнува, па колку и да бидат ниски температурите во природата. Свечените црковни песни, велелепието на празничната богослужба, трикратното пеење на величанието: „Те величаме, Живодавче Христе, Кој заради нас во тело си се крстил од Јован во реките Јордански“, лицата на искрените верници, кои со солзи и благоговение пристапуваат до празничната икона – сето тоа ни говори за денешната духовна радост, за светоста и величието на овој спасоносен ден.

И секоја година, по извршувањето на водосветот, ние понесуваме во нашите домови од светата богојавленска вода. Овој обичај му дава уште поголемо оживување на празникот. Дај Боже, со внесувањето на оваа голема светиња во нашите домови, во нашите души да се слее и благодатта на Божјиот Дух, која во нас ќе ги раздвижи нелицемерната љубов, милосрдноста, трпението, сочувствителноста…

Допрени од свештените настани, кои се случиле на празникот Богојавление, да паднеме со молитва пред Господа, та Он да ја всели онаа љубов во нас, која не знае за пречки, која не изладува, туку секогаш е жива и ја храни нашата душа.

Само таквата љубов принесува вистинско блаженство, го омекнува и најзакоравеното срце, принесува чудна и длабока радост, проникнува со торжество и восхит. Само таквата љубов нè приближува до Бога, зашто во Него е животот и вистината, смислата и спокојот, безграничното блаженство и бескрајната света љубов. Амин!

Пишувa: Протоереј Златко Ангелески




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.