Ракометот како најголем обединувачки фактор на сите битолчани, политичари и спортски фанови, продолжува да ги развива зацртаните
планови за нови големи успеси, со континуирана соработка и зголемена финансиска поддршка од Општина Битола за РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР, кој после 18 години и ја врати шампионската титула на Битола и градот го направи домаќин на натпревари од Лигата на шампионите.
На последната седница, Советот на општина Битола ја усвои предлог одлуката за давање согласност на Барањето за продолжување на периодот на
времетраење на Договорот за уредување на капиталната и управувачка структура на РК Еурофарм Работник АД Битола и РК Пелистер АД Битола, со
што градоначалникот Тони Коњановски доби согласност за потпишување на договорот за продолжување на периодот на времетраење за временски период од 2 години како и зголемување на финансиската поддршка од општината.
Со новиот анекс договор, помеѓу Општина Битола, Друштво за спортски дејности РАКОМЕТЕН КЛУБ ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР АД Битола и Друштво за
спортски дејности РАКОМЕТЕН КЛУБ ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 АД Битола, Општина Битола почнувајќи од натпреварувачката сезона 2024/2025, во наредните 2 (две) натпреварувачки сезони ќе обезбедува по 18.000.000,00 денари по натпреварувачка сезона, наместо 15.000.000,00 денари по натпреварувачка сезона, како што стоеше во основниот договор.
Првиот човек на РК Еурофарм Пелистер, Зоран Стерјев, на средбата со градоначалникот Тони Коњановски, се заблагодари за досегашната поддршка
од градоначалникот, советниците и спонзорите и ги најави подготовките за новите ракометни успеси кои ќе бидат гордост на Битола.
„После 18 години титулата повторно се врати во најракометниот град во нашата држава. Втората година после освојувањето на титулата успехот го повторивме, бевме конкурентни за сите трофеи во нашата држава, веќе во нашите витрини од поново време ги имаме сите освоени трофеи. Ланската година ја имавме Лигата на шампиони, оваа година повторно сме дел од тоа елитно натпреварување, несомнено мислам дека ќе имаме далеку поголем успех и подобро претставување во ова натпреварување. Кога ќе се направи една ретроспектива треба сите да бидеме задоволни и горди, затоа што ова навистина е еден проект кој заслужува особено внимание и којшто треба да биде прототип на начин на соработка на локалната самоуправа и спортските клубови и приватните спонзори. Беше задоволство да се работи заедно со општината како главен партнер во целата оваа приказна, меѓусебното разбирање е на највисоко ниво и верувам дека тоа така ќе продолжи и во наредните години треба да бидеме сите спремни за уште поголеми успеси од оние кои сега ги постигнавме“, истакна Стерјев, нагласувајќи дека очекуваат добри резултати, затоа што екипата е на задоволително ниво за да понуди нови трофеи за Битола.
Стерјев додаде дека годинава ќе бидат промовирани неколку нови, млади играчи кои ќе играат во екипата на ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2, што претставува потврда на заложбата преку квалитетно менаџирање да се овозможи квалитетен ракомет, но и добра база на млади играчи кои во следните години ќе бидат носители на играта на клубот, за што заслугата е голема и на сите тренери и на стручниот штаб.
Градоначалникот Коњановски нагласи дека постигнатите резултати во досегашниот период се навистина големи, а Битола никогаш претходно не
била пообединета, како сега во спортот.
„Повторно една успешна приказна ја продолжуваме и како што кажа и претседателот ова треба да биде пример за соработка. Не чека месец
септември, исполнет со многу активности, спортски натпревари, започнуваме со натпреварите и во Лигата на шампиони и во првенството. Се
надевам дека годините кои следат ќе бидат исполнети со уште поголеми успеси и голема радост на трибините“, рече градоначалникот Коњановски,
посакувајќи успешна сезона и заблагодарувајќи им се на РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР, ракометарите, навивачите, советниците и сите поддржувачи.