Едно големо браво и поклон до земја за ваквите луѓе
Случајно на Фејсбук наидовме на еден интересен статус од Игор Јакимовски, македонски маратонец Игор Јакимовски и офицер во АРМ, кој сподели искуство од средбата со поранешниот артилериски механичар во ЈНА и АРМ од Прилеп, Иле Наумовски, со кого се запознал на денешното одбележување на јубилејот 30 години постоење на Армијата на Република Македонија.
-Ова е човекот по кој највеќе ќе се сеќавам на јубилејот 30 години АРМ. Пензионерот Иле Наумовски од Прилеп, кој работел како цивилно лице во служба на ЈНА и АРМ на должност артилериски механичар.
По завршувањето на централната манифестација во касарната Илинден по повод одбележување на нашиот голем јубилеј сосема случајно го забележав како стои сам под сенка на излезот од касарната. Претпоставив дека бил гостин на свеченоста и дека треба да замине дома.
Го поздравив и го прашав да не му треба помош ?! Ме праша за превоз до главната железничка станица доколку јас се движам во твој правец.
Му реков дека како лојален граѓанин на нашата Армија и гостин на свеченоста ќе ми биде особена чест да го превезам до било каде.Тргнавме заедно и ми кажа неколку емотивни работи за нашата заедничка институција за која цел живот сме врзани во срце и душа.
Работел најпрво во ЈНА па потоа во АРМ како цивилно лице на должност артилериски механичар. По пензионирањето бил горд на својата АРМ и продолжил да ја сака како своја светост.
Иако живеел скромно и имал деца со завршени факултети, но без работен ангажман, одвоил средства од својот скромна пензија за да си ја испочитува својата АРМ и да дојде со воз од Прилеп до Скопје за да присуствува на главната свеченост во касарната Илинден.
Возот му бил за враќање во Прилеп во 14.00 часот и ми се заблагодари што го превезов на време за да се врати дома.
Јас му се заблагодарив за неговата лојалност и пред се почит кон својата Армија. Му реков дека тоа е најмалку нешто што јас или бил кој мој колега може да го направи за неговата големина како човек. Моето прво заминување во Прилеп ќе биде во целост посветено за дедо Иле и се надевам дека тоа ќе биде наскоро.
Нека му пренесат поздрав од мене оние кои ќе го препознаат од Прилеп и со Господ напред да го видам побргу. РЕСПЕКТ ГОСПОДИНЕ НАУМОВСКИ – пишува во својот Фејсбук статус Јакимовски.
Наумовски иначе е почитуван и познат помеѓу своите сограѓани во Прилеп, а оваа наша објава е со цел да се заблагодариме на сите луѓе како него кои животот и кариерата ги посветиле на Армијата на Република Македонија.
Нека е честит јубилејот – 30 години АРМ!