30-ГОДИНИ ТИФО СЦЕНА ВО ПРИЛЕП: Мајмуните со низа настани ќе го одбележат својот јулибеј

30 заедно поминати години, цврсти и обединети во спортските височини, уште поединствени за време на падовите. Навивачката група “МАЈМУНИ” е она без што градот под “Марковите Кули” не може да се замисли. Тие се причината за секогаш жешкиот терен во Прилеп, тие се причината за секој спортски спектакл во градот, тие се мостот кон спортските успеси.

По повод одбележувањето на својот голем јубилеј, 30 години постоење на македонската тифо сцена, од навивачката група “Мајмуни” најавуваат низа настани. Во продолжение погледнете за што се работи.

dsc_0050markukule

Мајмуните слават 30-години постоење. Накратко за тоа од каде се започна, кои се Мајмуните, што се се случуваше во изминатите 30 години ?

Точно така, но овој јубилеј не е само на Мајмуните. Марковите Внуци се оние кои ја започнуваат оваа, сега веќе долгогодишна приказна. И тоа во далечната 1987 година, кога во нашиот град за прв пат се појавува организираното тифо- движење. Марковите Внуци се една генерација која ќе ги одбележи наредните 10 години од нивното формирање, за да потоа, на сцена стапат нови момци, со нови идеи и визии, но иста цел – ФК Победа. Во 1997 година доаѓа до смена на генерациите, Марковите Внуци ќе ги заменат Мајмуните, а Прилеп во наредните неколку години од нивното формирање ќе стане навивачки град во вистинска смисла на зборот. И така е се до денес. Без разлика на сите оние споредни случувања во изминатите 30 години, сите подеми и падови, како на навивачката група, така и на ФК Победа, ние остануваме заедно, остануваме истрајни и одлучни во остварување на целта, а тоа е ФК Победа онаква каква што Прилеп ја познава од почетокот на новиот милениум, и полни трибини на градскиот стадион.

dsc_0056markukule

Прославата започнува скоро 1 година порано. Што Мајмуните подготвија за својот јубилеј ?

Како што кажавме, нашата историја е долга и богата, па така овој значаен јубилеј сметаме дека треба да го одбележиме на вистински начин. Покрај тоа што веќе 30-години активно сме вклучени во спортскиот живот на градот Прилеп, значајно место има и нашата улога во општествениот живот во градот, па затоа по повод 30-годишнината од нашето постоење, испланиравме низа активности и настани во кои ќе бидат вклучени спортските но и општествени настани. За почеток, ја најавуваме втората по ред крводарителска акција која ја организираме на 10.10.2016 година во ЦК „Марко Цепенков” – Прилеп, на која учество земаат нашите членови, но добредојден е и секој хуман граѓанин, кој дарувајќи крв може да спаси нечиј живот и да направи добро дело. Одбележувајќи го 11 Октомври како значаен дел во историјата на Р.Македонија, но уште позначаен за нашиот град, најавуваме спектакл во центарот на градот, но во однос на тоа, ќе оставиме прилепчани сами да се уверат што ќе се случува вечерта на 10-ти Октомври. Месец ноември, ќе го одбележи денот на ослободувањето на Прилеп, 3-ти Ноември, за кога планираме една официјална манифестација, 3-ноемвриски коктел, на кој ќе присуствуваат навивачи од сите три генерации кои се дел од историјата на Мајмуните и тоа почнувајќи од најстарите, Марковите Внуци, кои го опфаќаат периодот до средината на 90-тите години на минатиот век, потоа Мајмуните кои во наредните 10-години неколку пати ќе бидат прогласени за најдобра навивачка група во Македонија, и на крај денешните Мајмуни, кои не се ништо поинакви од останатите, но сепак се работи за нови генерации, кои веруваме дека ќе донесат само успеси на нашиот навивачки клуб, и се вкупно на спортскиот живот и навивачката култура во Прилеп. Токму тоа е и главната цел на оваа прослава. На едно место да се соберат сите генерации кои во изминативе 30-години се 12-ти играч на прилепска Победа.

И да се навратиме на активностите во поглед на прославата. Св. Никола е заштитник на нашиот град, па така во Прилеп, секоја година, традиционално се организира турнир во мал фудбал, на кој и оваа година како и изминатата ќе земеме учество. За периодот кој следи, исто така активно ќе се вклучиме во помагањето на наши членови, и граѓани на град Прилеп преку хуманитарни акции, реновирање на домови и помагање на најразлични начини, во склоп на нашите можности.

13089940_10207803420537882_2092155036_n

13882328_10210213455956819_5791923625304846720_n

Како планирате да го остварите сето ова ?

Навивачкиот клуб Мајмуни – Прилеп е здружение на граѓани, кое е дефинирано и функционира како непрофитна организација, што значи единствен извор на финансиски средства е членарината, која е симболична и често пати недоволна за покривање на основните трошоци за нашето функционирање. Конкретно, што се однесува на прославата, се работи за еден навистина голем јубилеј, кој заслужува да биде одбележан онака како што доликува, се работи за еден склоп на многубројни настани и активности кои сметаме дека ќе бидат значајни за Прилеп и прилепчани, и во однос на тоа, оние минимални средства кои ние преку самофинансирање ги обезбедуваме нема да одиграат никаква улога во организацијата и реализацијата на прославата. Токму затоа, помош ќе ни биде потребна од сите стопански субјекти во градот, на кои ќе им бидат доставени нашиот план и програма за прославата и во кои ќе бидат наведени сите настани и активности кои ќе ги реализираме. Како организирано здружение кое изминатите 30-години активно учествува во спортскиот и општествениот живот на градот Прилеп, очекуваме навистина голема поддршка, со оглед на тоа што од скоро започнавме да контактираме со стопанските субјекти и компании од градот Прилеп, кои се заинтересирани да помогнат со своите средства во реализација на овој наш проект, и да бидат дел од нашиот голем јубилеј. Да не заборавиме да напоменеме и дека се ова нема да може да се реализира без квалитетно испланиран и изработен маркетинг, кој се однесува на изработување рекламен материјал, календари, запалки, пенкала, миризливи етикети, маици, шалови, комплетна навивачка опрема итн. Исто така, после завршната прослава, сите оние кои на некаков начин допринесле во реализацијата и одбележувањето на јубилејот на НК Мајмуни, ќе добијат навивачки пакет, благодарница и сувенир, како подсетник на тоа дека Прилеп не може без Мајмуните, исто како што Мајмуните не можат без Прилеп.

12307373_1030517090348843_4348520826612897000_o-1024x683

Што понатаму ? Кои се плановите за иднината ?

Понатаму продолжуваме максимално ангажирано. И ние како и нашата Победа во вистинско светло се вративме пред помалку од 2 години, па така потребен е период на адаптација, период во кој полека но сигурно ќе се поставуваат темелите на еден нов начин на функционирање, ќе се работи доста поорганизирано, и ќе се става акцент на маркетингот, како и на ширење на навивачката култура во Прилеп, се со цел ФК Победа повторно да добива поддршка од  15 000 навивачи на градскиот стадион во Прилеп.

dsc_0062markukule




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.