Едукација, подигнување на свеста, засилување на капацитетот и знаењето на младите луѓе за концептот на социјално претприемништво е фокусот на проектот “DIVE deeper into Social Entrepreneurship”, што се имплементира во организација на Младински Сојуз – Крушево, а со финансиска поддршка од Еразмус + програмата на Европска унија.
„Главна цел на проектот е преку имплементација на интерактивни и креативни работилници, младите да ги зајакнат своите способности и знаење за решавање на проблемот на младинска невработеност односно создавање на кооперативна, инспиративна и поддржувачка социјална и деловна клима и обезбедување квалитетни активности, коишто ќе им овозможат развивање на компетенции во областа на социјалното претприемништво“, изјави Билјана Стојческа член на тимот на Младински Сојуз – Крушево.
Дваесет и пет млади луѓе од Македонија, Грција, Турција, Бугарија, Романија, Португалија, Јужна Африка, Костарика и Перу од 21-ви до 27-ми јануари ќе бидат обучувани во Крушево за социјално претприемништво. Нивни едукатори ќе бидат младински работници од Турција и Јужна Африка со екстензивно искуство во невладиниот ресор и социјалното претприемништво.
„Прв пат сум во Крушево и навистина ми е мило што сум дел од оваа обука зашто сите учесници се многу пријатни, методите што ги употребуваме на обуката се многу интересни и нудат нови начини на размислување, нови знаења и ја стимулираат нашата креативност“, изјави Ана Паула Переира, учесник на обуката од Перу.
„Dive deeper into Social Entrepreneurship“ е всушност втората едиција од истоимениот проект, којшто цели и кон зајакнување на соработката и размената на добри практики во областа на младинското социјално претприемништво, помеѓу земјите-партнери од различни континенти во светот.
“Додека првото издание се фокусираше на разбирање што е социјално претпријатие за млади луѓе, второто издание оди” подлабоко “и се фокусираме на обуки за теми како што се “генерирање на идеи, правни форми на бизнис, младински политики и финансирање за почеток. Младите Јужноафриканци ќе ги стекнат овие вештини и алатки за да ги имплементираат во своите социјални претпријатија дома “, вели Белиса Родригес, основач на Belle and Company, Јужна Африка и една од едукаторите на обуката.
Во текот на наредните 13 месеци Младински Сојуз – Крушево како водечка организација ќе имплементира дел од проектните активности и во Бугарија, Романија, Португалија како и во интерконтиненталните земји.