Покрај нови играчи, РК Прилеп доби и нов тренер

По обезбедениот опстанок во Супер лигата и идната сезона, РК Прилеп почна полека да го гради тимот.

Клубот веќе ја продолжи соработката со искусниот дефанзивец Филип Велески, голманот Иван Ангелески, Христи Бикоски и Бурчески Антонио. Нови засилувања засега во клубот се пикерот кој пристигна од Радовиш, Томче Трајчески, левиот бек Никола Цветаноски кој пристигна од Струга, како и голманот Давит Ацевски, кој пристигна од екипата на Јуниор Кисела Вода.

Клубот од неодамна има и нов генерален спонзор. Поддршка во зацртаните цели раководството ќе има од компанијата “Комфи Ангел”.

Информациите говорат дека до крајот на преодниот рок ќе има уште неколку засилувања, а екипата во новата сезона ќе ја предводи поранешниот тренер на Еурофарм Пелистер, Божидар Мојсов. Претставувањето на Мојсов за нов тренер на Прилеп треба да се случи во наредните неколку денови.

Минатата сезона Прилеп одлично беше предводен од Реваз Чантурија, но тој сега ќе може да се концентрира само на играчкиот дел и нема да има обврска плус. Прилепчани во новата сезона за ривали во регуларниот дел од Супер лигата ги имаат Вардар, Пролет, Мулти Есенс, Голден Арт, Бутел Скопје, Еурофарм Пелистер и Вардар Неготино.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.