Потекнуваат од угледна и влијателна градска фамилија. Од некогаш добро ситуирано и почитувано четиричлено семејство, денес преполовени и оставени на работ од егзистенцијата, го „туркаат“ болното секојдневие во малиот стан кој одамна „плаче“ за генералка. 38-годишниот Доминико Сугарески и неговата тешко болна 71-годишна мајка живеат само од нејзината бедна пензија од 10.000 денари која не им стасува ниту само за лековите, а кои мораат редовно да ги земаат и двајцата. Затоа, наместо од продавница, Доминико вели дека се’ почесто храна почнал да „купува“ од контејнерите, а лековите да ги пијаат само кога ги имаат – oбави “АЛФА ТВ”.
„Во тешка ситуација сме. Јас сум без работа, мајка ми зема пензија. Дали за лекарства тие 10.000, дали сметки, дали за јадење. И за јадење дури не остануваат. Одам по контејнери да збирам леб и од човек на човек по 100 денари-200 да ми дадат да купам леб или било што. Овде се пишував (самопослуга), сега не ме пишуваат и сме во тешка ситуација“ – вели Доминико Сугарески.
Крајно понижена и силно засрамена од ситуацијата во која ги фрлила судбината, но и бескрајно тажна што никој не сака да им помогне, мајката на Доминико не сакаше да биде снимена. „Ме познаваше цел град, вредно и чесно го потрошив и мојот живот, и работниот век, а видете сега каде стигнавме. Со никого никогаш не сум се скарала, ниту со роднините, ниту со пријателите. Баш напротив, секаде каде што можев, помагав. А сега нема кој да му помогне на моето дете, иако има кој. И што е уште пострашно, ми го разбркуваат и го навредуваат“, со солзи во очите ни рече оваа скршена мајка која освен со сиромаштијата и тешката подвижност, се бори и со десетина сериозни болести.
Доминико има средно образование и по струка е графичар. Вели, низ годините работел во некои заштитни претпријатија и не се плаши од работа. Ама, сега заради обврските околу мајка му, неговото присуство дома е нужно потребно, па и ако би нашол некоја работа, вели, мора да биде со скратено работно време.
„Сакам, ама не можам нејзе да ја оставам. Нема човек кој, мора да има околу нејзе човек, оти и се снеарнува, до колзет“, – објаснува Сугарески.
Во домот на овие тажни и болни луѓе одмна не замирисало на зготвена храна. Најчесто јадат леб и маргарин. Фрижидерот им е празен, иако, заради многуте лекови што ги пијаат и двајцата, лекарите им препорачале поздраво и редовно да се хранат. „Побарав помош и од мои блиски роднини, а за кои знам дека имаат и можат да ни помогнат. Било со некава работа за мене, било со храна. Ама, не наидов на разбирање. Ме избркаа како куче“, – разочарано ни кажа Доминико.
Сега, овие луѓе се надеваат на помошта од хуманите луѓе. Велат најпотребни им се пари за лекарствата и сметките, и храна. А во меѓувреме Доминико поднел документи и до Центарот за социјални работи за добивање парична помош за нега на мајка му. „Ако ни ги доделат тие средства, мислам дека колку-толку, ќе ни олесни“, – полн со надеж ни рече на замнување Доминико Сугарески.
KAРОЛИНА ДУРЛО ЗА “АЛФА ТВ”