Град Скопје уште во септември го објави тендерот, а проценетата вредност на договорот е 200.000 евра без ДДВ.
– Декорирањето и украсувањето за време на новогодишните празници треба да е на високо естетско ниво, во духот на модерното време на живеење, со современ и атрактивен дизајн, уметнички и ликовни ефекти, се вели во тендерот што е објавен на веб страницата на Бирото за јавни набавки.
Градоначалникот Шилегов вели дека градот кон почетокот на декември ќе биди украсен, а дали ќе има новогодишен пречек и дали ќе се одржи манифестација Винтерленд, ќе зависи од епидемиолошката слика односно од состојба со коронавирусот.
Лани новогодишното украсување на Скопје чинеше 260.000 евра, а за новогодишната ноќ пееше босанскиот пејач Дино Мерлин, чиј настап, како што тврдеше Шилегов, бил платен од спонзори. Но, остана несјаснотии околу тоа.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје реагира на распишувањето тендер за новогодишно украсување на Скопје и бара парите да се пренаменат за купување лаптопи за учениците.
„Во деновите кога градот Скопје е најпогоден град од корона заразата и луѓе умираат секој ден, на Шилегов му дојде до новогодишна забава. Тој распиша тендер за новогодишно украсување на Скопје од цели 200 илјади евра во време кога илјадници ученици не се во можност да ја следат онлајн наставата поради недостиг на компјутерски уреди. Затоа како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Обнова на Македонија бараме прифаќање на веќе еднаш одбиената иницијатива парите за новогодишно украсување да се пренаменат за купување на лаптоп компјутери за учениците кои немаат и не ја следат квалитетно наставата.
Работата е најмалку дојдена до забава во време кога илјадници наши граѓани се борат за живот.
Не е време за забава, туку време е да се спасуваат човечки животи. Доколку не ја прифати нашата иницијатива се покренува сомнеж дека Шилегов има некаков бизнис интерес од украсувањето на Скопје“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.