1999 Победа – Перуџа, 2000 Победа – Парма, 2026 Победа – ликвидација? (ФОТО/ВИДЕО)

Во годината во која се навршуваат 26 години од гостувањето на тогаш ѕвездениот тим на калчолигашот Парма во Скопје, и 27 години од гостувањето на тогаш моќниот калчолигаш Перуџа во Прилеп, Победа ги живее најтешките моменти.

Со блокирана сметка, огромни долгови, речиси без играчи во своите редови, а сега и се откажа од настап во Втората лига.

Ќе се потсетиме на овие блескави моменти за македонскиот и фудбалот во Прилеп, кои и ден денеска будат емоции.

14 септември 2000 година во рамките на првото коло од Купот на УЕФА, Победа се соочи со ѕвездениот тим на калчолигашот Парма. Иако црвено-белите беа поразени во двата дуели, љубителите на фудбалот и денес се сеќаваат кој се гостуваше тогаш во Македонија.

Во редовите на Парма тогаш беа: Џиџи Буфон, Фабио Канаваро, Лилијан Турам, Серџо Консисао, Аморосо, Саво Милошевиќ, Жуниор и Марко Ди Вајо.

Оваа ѕвездена екипа против себе го имаше тимот кој на Прилеп му го донесе првиот трофеј во натпреварувачката 2000/2001 година освојувајќи го Купот на Македонија.

Во редовите на црвено-белите тогаш беа: Боби Тенев, Панче Ќумбев, Игор Николаевски, Благојче Нацев, Жилсон, Раде Каранфиловски, Панче Ристовски, Тони Наумоски, Николче Здравески, Дарко Диниќ, Сашко Крстев, Тони Мегленски, Горанчо Тодоровски и Влатко Стојчевски.

Натпреварот кој тогаш се одигра на Градски стадион во Скопје пред 9.500 публика, заврши со триумф на Италијанците од 0:2.

Стрелци на головите беа: Серџо Консисао во 23-та минута и Марко Ди Вајо во 74-та.

Како ли само моќно изгледале “Мајмуните”… морници по цела кожа….

Една година порано, на 11 јули 1999 година, во рамките на второто коло од тогашниот Интер Тото Куп, се сретнаа екипите на Победа и Перуџа. Пред 15.000 љубители на фудбалот, Победа се обиде да му се спротистави на италијанскиот калчолигаш и да го надмине резултатот од 1:0 кој Италијанците го имаа како предност од првиот натпревар.

Но, резултатот од 0:0 во Прилеп, беше доволен за Перуџа да се пласира во наредното коло.

Сепак, овој меч сеуште буди емоции, овој меч сеуште се памети од фудбалската јавност и ова е еден од ретките мечеви што претставуваат вистински спектакл и живеат вечно.

Погледнете како изгледал градскиот стадион “Гоце Делчев” на тој 11-ти јули 1999 година:

Која ќе биде судбината на клубот после откажувањето од Втора лига, и дали Победа ќе успее одново да застане на здрави нозе, останува да видиме во периодот кој следи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.