18. август Ден на Армијата на Република Македонија: Се одбележуваат 32 години постоење!

Во Центарот за обука на вода во Охрид, денеска со почеток во 10.00 часот, во присуство на највисокиот воен и државен врв ќе се одржи централната свеченост по повод 18 Август – Денот на Армијата и 32 години од нејзиното формирање.

На присутните ќе им се обратат претседателката Гордана Сиљановска Давкова и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

– На свеченоста ќе се изврши и церемонија на примопредавање на должност началник на генералштабот на Армијата како и обраќања на досегашниот началник на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и новопоставениот началник на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, соопштија од Министерството за одбрана.

На свеченоста се поканети премиерот Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, пензионирани генерали, високи гости од повеќе институции во Републиката, командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, дипломатскиот кор во Република Македонија.

Одбележување на 18 август – Денот на македонската Армија почна во петокот (16 август) со традиционален свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот, а со воени церемонии празникот се одбележа и во командите и единиците на Армијата во сите касарни во Републиката.

По повод Денот на Армијата синоќа во скопската касарна „Илинден“ беше извршена почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата.

За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Процесот за формирање на современата македонска Армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.

Македонската Армија денес е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Република Македонија во март 2020 година стана 30 полноправна членка на НАТО.

Македонија на 11 место во НАТО според процентот од БДП наменет за одбраната

Македонија во државниот Буџет за 2024 година за потребите на одбраната има предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата, се посочува во најновиот извештај на НАТО за одбранбените трошоци на земјите членки.

Согласно дефинициите на НАТО, како трошоци за одбраната се сметаат исплатите направени од страна на националните влади за потребите на своите вооружени сили, на сојузниците или на Алијансата. Во расходите за одбрана, меѓу останатите, се вклучени и трошоците за други сили финансирани преку буџетите на други министерства, покрај оние од Министерството за одбрана, како и средствата директно исплатени од државата за пензии на воените лица и цивилите што биле вработени во воените структури, за мировни и хуманитарни операции, за уништување на оружје, опрема и муниција и за истражување и развој.

Од вкупните трошоци на Македонија за одбраната најголем процент или 43,9 отсто се наменети за плати на воениот персонал, по што следуваат 29,3 проценти за набавка на опрема, истражување и развој, 23 отсто за операции и одржување и други расходи и 3,8 проценти за инфраструктура. Сличен сооднос на распределбата на средствата има кај повеќето членки на НАТО, со исклучок на Португалија, Бугарија, Хрватска и Белгија, каде над 50 проценти од трошоците се наменети за воениот персонал, Полска, Унгарија, Финска и Луксембург каде над 40 отсто се за опрема, истражување и развој и Шведска, САД и Данска кои над 40 отсто од средствата ги предвиделе за операции и одржување.

Во периодот 2014-2024 година, земјава бележи раст на трошоците за одбрана за 148,87 отсто од 106 милиони долари во 2014 на 263 милиони долари годинава. Во 2014 година трошоците за одбрана изнесувале 1,09 отсто од БДП, за сега да достигнат до 2,22 проценти.

Претставничка на САД во Алијансата, Џулијан Смит во интервју за МИА изрази благодарност на Македонија за одвојувањето на два проценти од БДП за одбраната

– Навистина да ѝ се заблагодарам на Македонија. Ова е земја што донесе навистина тешки одлуки за да го достигне прагот од два проценти од БДП за одбраната. Северна Македонија е сега над прагот, над два процента и ги поздравуваме тие напори и сите земји што го направија тоа, нагласи Смит.

Таа најави дека веројатно следната седмица НАТО ќе објави нов извештај за споделување на товарот, кој ќе покаже дека околу две третини од членките на Алијансата сега трошат над два проценти од БДП за одбрана, што според неа, е важно бидејќи значи дека сојузниците можат да ги исполнат своите обврски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.