122 години од саможртвата на војводата Методи Патчев и неговата дружина во прилепско Кадино Село

На 7-ми април далечната 1902 година во нерамна битка против 500 војници турски аскер, Методија Патчев и неговата дружина после 24 часовна борба, сами си го одзеле животот, а нивниот подвиг предизвикал восхит не само кај својот народ туку и кај непријателот

Херојската саможртва на Патчев и денеска се памети, па голем број патриоти присуствуваа и денеска во Кадино Село и му оддадоа почит на војводата и неговата чета.

Патчев е роден на 14 мај 1875 година во Охрид. Во родниот град завршил гимназија, а потоа отишол да работи како чирак кај еден свој сограѓанин – кожар во Пловдив.

Кога заштедил нешто средства од работата и со малата помош што ја добил од родителите, во почетокот на 1886 година го напуштил родниот град и тргнал да бара помош. Прво отишол во Солун, а од таму во Софија. Ниту во Солун, ниту во Софија не добил потребна парична помош за понатамошно школување во некое средно училиште. Во Самоков почнал да го посетува специјалното училиште. Во училиштето ги посетувал сите занаети што се изучувале, а истовремено работел и во револуционерниот кружок, во чија активност веднаш се вклучил. Овој ученички кружок бил мошне активен, бидејќи бил посетуван од раководителите на ВМРО, а од време-навреме и од самиот Гоце Делчев. Од материјални причини Методија набргу го напуштил Самоков, бидејќи не можел да обезбеди стипендија за да учи во некое средно училиште.

По излегување од затворот, во учебната 1901/1902 година Методија Патче бил назначен за учител во Прилеп. Но, откако турската власт му забранила да работи како учител, тој преминал во илегала и се приклучил на четата на Марко Лерински (Георги И. Ѓуров). Тој бил бугарски офицер кој, придобиен од Гоце Делчев и Ѓорче Петров во 1900 година, учествувал во македонското револуционерно движење како член и војвода на Македонската револуционерна организација. Марко бил испратен во леринскиот крај, а неговата чета, благодарение на неговата официрска подготовка и организациски способности, станала училиште за обука на македонските револуционери и војводи. Меѓу оние кои ја поминале неговата обука бил и учителот Патче. Во октомври 1901 година, Методија Патче бил назначен за војвода на првата агитационо-организациска чета во Прилепско. Со намера да привлече и зачлени поголем број комити во Организацијата, патува низ прилепскиот регион и за релативно кусо време, ќе дојдат до израз неговите организаторски способности. Во текот на март 1902 година, заради разврат го ликвидирал и прилепскиот војвода Тале Горанов.

Но, откако на 6 април 1902 година, на селскиот празник, Благоец, дошол со шестмина соборци во Кадино Село, Прилепско, за да покрсти нови членови за организацијата, бил предаден и опкружен од турскиот аскер и башибозук. Додека војводата со четата биле сместени во старата кула, а народот за тоа време бил во црква, околу пладне во селото дошле околу 500 вооружени луѓе, меѓу кои аскер од Битола и познатиот разбојник Расим со 25 души.

Претходно четата не била известена за движењето на силниот аскер кон Кадино Село и немала ниту време и можност да се извлечат од кулата и селото. Опколени од сите страни, четата се забрикадирала во кулата. Започнала нерамноправна јуначка борба која траела до наредниот ден (7 април 1902 година), се до моментот кога на четата им снемало муниција. На Патче и комитите не им преостанало ништо друго освен да се предадат или да умрат. На повикот од аскерот да се предадат одговориле дека македонски борци не се предаваат. Со песна, после 24-часовна борба, Методи Патчев и неговите соборци со последните куршуми извршиле групно самоубиство.

По престанокот на пукотниците, кога Турците влегле во кулата, глетката била потресна и величенствена. Со прострелни смртоносни рани, со радосни лица во пресрет на смртта, комитите како да ѝ оддавале последен поздрав на својата мајка земја и на својата татковина Македонија. Командантот, потпоручникот Нијази-бег, подоцна еден од истакнатите членови на Младотурската револуција, покажувајќи на положените тела на комитите, пред аскерот изјавил: “Тоа се херои. Гледајте како се бореа за својата идеја. Сами се убија.” Потоа со плотун преку мртвите тела, Турците им оддале почит на загинатите македонски борци.

Турците кај Патче пронашле шифрирани документи од кои ја откриле целата револуционерна мрежа на Организацијата во Прилепско. Османлиската војска правејќи голем зулум, извршила претрес и апсења во 18 прилепски и 6 мариовски села, при што биле затворени 92 припадници на Организацијата. На судењето во Битола, на разни затворски казни биле осудени 16 души, а другите биле ослободени. Врз основа на разни добиени податоци се смета дека предавството го извршиле Станко Ачкоски, кмет на селото, познат врховист и турски шпиони, и неговиот заменик Јонче Врбоски. Ачковски бил осуден на смрт од Организацијата и истото лето бил убиен.

Македонската револуционерна борба пред и по Илинденското востание памети многу колективни самоубиства на македонски војводи и комити, кои со посегањето по сопствениот живот предизвикувале восхит не само кај својот народ туку и кај непријателот. Меѓутоа самоубиството на охриѓанецот Методија Патче и неговата дружина е прв таков чин по чиј пример подоцна ќе тргнат многумина македонски синови.

Селаните ги закопале македонските херои во црквата “Света Богородица”, а подоцна ги откопале и ги погребале во заедничка гробница на селските гробишта. За војводата Методија Патче испеани се повеќе песни. Една од нив е и песната „Јас Методи Патче од Охрида“




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.