На 26 јуни 1921 година во Софија бил убиен Ѓорче Петров, една од личностите кој целиот свој живот го посветил на борбата за слобода на македонскиот народ.
Роден е како Ѓорѓија Петров Николов на 2 април 1865 година во Варош, во семејството на Петре учителот од Тројаци.
Основното образование го завршува во Прилеп при учителите Никола Ганчев и Јосиф Ковачев.
По неуспешниот обид да се запише во Софиската машка гимназија како стипендист, Ѓорче се враќа во Македонија. Своето образование го продолжува во Битола а по отворање на Егзархиското класно училиште во Прилеп, своето образование го продолжува во родниот крај, но за кратко бидејќи набрзо заминува во Солунската машка гимназија.
Таму останал се до неговото исклучување во 1884 година поради учество во ученичкиот бунт. Ѓорче Петров застанува на страната од неговите соученици со тоа што објавува статии во весникот „Балкан“, во кои ја критикува управата во гимназијата. По овој инцидент Ѓорче заедно со група од 12 македонски ученици во кои се наоѓа и Пере Тошев е исклучен од Солунската машка гимназија.
Истата година заедно со Пере Тошев и неколку свои соученици се запишува во Обласната гимназија во Пловдив каде што во 1885 година завршува VI клас.
Истата година во Пловдив е формиран БТЦРК (Бугарски таен централен револуционерен комитет) во кој активно се вклучуваат Ѓорче Петров и Пере Тошев, но поради слабото здравје не зема учество во обединувањето на Бугарија со Источна Румелија.
По превратот во Источна Румелија се враќа во Македонија каде што работи како егзархиски учител во Штип, во Скопското педагогошко училиште, Битолската прогимназија (1888 – 1895) и Солунската машка гимназија „Свети Кирил и Методиј“ (1895 – 1897).
Во 1888 година заминал во Солун како коректор во печатница на Коне Самарџиев. За време на учителствувањето во Скопје и Битола Ѓорче активно се посветува во собирањето на географски и етнографски материјали од Скопско и Битолско.
Во 1896 година Ѓорче Петров ја издава книгата „Материјали за изучавањето на Македонија“, за етно-географските карактеристики на Македонија, во која ги опишува поважните планини, реки и патишта и различните региони и нивното население.
Во тој период Рачо Петров, бугарскиот воен министер му нуди на Ѓорче Петров стипендија за изучување на картографија на некој од престижните европски универзитети но Ѓорче го одбива.
Со создавањето на Внтрешната македонско-одринската револуционерна организација во 1893 година, Петров се вклучува во неа. Активно се вклучува во прибирање на нови членови во Битола и околните села кои ги обиколува непречено како училишен инспектор. Во тој период заедно со Пере Тошев во Битола го помага издавањето на револуционерното списание „На оружје”. Во 1896 година се приклучува кон ЦК на ВМОРО и истат година учествува на Солунскиот конгрес каде што заедно со Гоце Делчев добиле задача да го изготват уставот на организацијата.
Во 1897 година заминува за Бесарабија, каде што се обидува да собере парична помош од македонската емиграција за Внатрешната организација но без поголем успех. На враќање во Букурешт заедно со Борис Сарафов остваруваат средби со македонската емиграција.
Ѓорче Петров како член Задграничното претставништво на ВМОРО во София, во периодот од 1898 до 1899 година го издава весникот „Бунтовник“.
Во август 1898 година заминува во Цариград на средба со Екзархот Јосиф I. По средбата односите помеѓу Внатрешната организација и егзархијата се нормализират по што станало вообичаена практика Внатрешната организација да изготвува списоци на учители во почетокот на учебната година, кои понатаму се проследувале до Екзархијата.
Во летото 1900 година Ѓорче врши обиколка во Јужна Бугарија на македонско-одринските друштва во Станимака, Чепеларе, Широка Лака, Хвојна, Орехово и Павелско што е главна причина Задграничното претставништво да дојде во судир со Врховниот комитет. Поради судирот на интереси и контрола на области конфликтот помеѓу двете организации се заострува во 1901 година кога Ѓорче Петров под притисоци и закани на два наврати е принуден да ја напушти Софија.
Во есента 1902 година повторно се враќа во Софија каде што на собранието по повод подготовките за востание во Македонија во петчасовна реч на собраните делегати им ја образложил идејата дека кревањето на масовно востание е осудено на пропаст поради неговата неподготвеност и избрзаност.
Иако не го поддржувал, тој сепак учествувал во Илинденското востание со четa во Прилепско-мариовскиот крај.
Со својата чета имал судир со османлиските војски кај Чаниште.
По пропаста на Илинденското востание Ѓорче Петров е еден од ретките револуционери кои останале во Македонија продолжувајќи со револуционерната дејност.
Во 1905 година учествува на Рилскиот конгрес на ВМРО каде што се приклонува кон „левите сили“ раководени од Јане Сандански кои им ги преставуваат на останатите делегати новите устав и правилник на ВМОРО за кои голема заслуга има Ѓорче Петров. На Рилскиот конгес Ѓорче Петров повторно бил избран за задграничен претставник на ВМРО во Бугарија.
На конгресот на ВМОРО во Ќустендил во март 1908 година „десните сили“ ги засилуваат своите позиции и при изборот на новото раководство на ВМРО ги исклучуваат од организацијата претставниците од левицата поради претходните смртни пресуди над Иван Гарванов, Борис Сарафов и Михаил Даев.
До 1905 година Ѓорче учествува во работата над скоро сите програми и документи на ВМОРО и ВМОК:
– Уставот и Правилникот на Македонско-одринските револуционерни комитети од 1897 година (Заедно со Гоце Делчев)
– Правилникот за четите на МОРК (1896-1899 година) (Заедно со Димитар Венедиков).
– Уставот и Правилниците на Тајната македонско-одринска револуционерна организација од 1902 година (Заедно со Гоце Делчев)
– Правилникот за деловодството и сметководството на ВМОК во Бугарија од 1902 година (Заедно со офицерите Тома Давидов и Владислав Ковачев)
– Соработува при изготвувањето на статутите и програмните документи на ВМОК
– Проект-правилникот на ТМОРО во 1904 година
– Уставот и Правилниците на ВМОРО на Рилскиот конгрес од 1905-1906 година.
За време на Младотурската револуција во Солун, Ѓорче Петров заедно со Антон Страшимиров го издава списанието „Културно единство“, во което публикува материјали со идеи како да се неутрализира ширењето на српската пропаганда во Порече.
За време на Првата Балканска војна, Ѓорче Петров е доброволец во чета на V одринска дружина на Македонско-одринското ополчение.
Подоцна е назначен за началник на културниот оддел на месната бугарска управа во градот Сер.
За време на Првата светска војна Петров ја извршува должноста претседател на постојаната окружна комисија во Битола, а подоцна е назначен за градоначалник на Драма.
Членува във Временното претставништво на поранешната ВМОРО, каја настојува пред возобнувањето на ВМРО да се свика конгрес и да се претстави целосен отчет за сработеното во претходните години.
Ѓорче се спротивставува на желбата од Димо Хаџидимов да ја претвори новоформираната организација со прокомунистичка ориентација. Недоразбирањата помеѓу двајцата револуционери како и други дополнителни фактори, ја поткопуваат работата на Временото представништво и во есента 1919 година, организацијата се самораспушта.
Со доаѓањето на власт на Земјоделската влада на Александар Стамболиски, Петров раководи со Бирото за населување на бегалците при Министерството за внатрешни работи на Бугарија.
Личната нетрпеливост меѓу Ѓорче Петров и Тодор Александров, како и разликите што помеѓу нив постоеле во однос на начините и методите на борбата за решавање на македонското прашање.
Тој е обвинет од Тодор Александров дека новата влада му доделила задача да ги неутрализира активностите на новоформираната ВМРО, дека го поддржува БЗНС (Бугарскиот земјоделски народен сојуз) и неговата анти-македонска политика. Поради тоа Ѓорче Петров е осуден на смрт од ЦК на ВМРО.
Извршител на пресудата бил турчин по име Реџеп член на ВМРО, кој не ни не знаел кого треба да го убие. Ѓорче Петров е убиен на 28 јуни 1921 година на улицата „Тробарска“ во Софија по наредба на ЦК на ВМРО. Набрзо по неговото убиство е убиен и неговиот атентатор. За убиството на Ѓорче Петров, ВМРО официјално не презема одговорност.
Атентатот врз Ѓорче Петров предизвикал големи реакции меѓу бугарското општествено мислење, како и кај македонската емиграција. По повод неговото убиство реагирале голем број на македонски емигрантски организации, меѓу кој бил и Националниот комитет на македонските братства, кој за убиството коментирал и на страниците на својот печатен орган Македонија, каде со пиетет се пишувало за овој македонски револуционер и за неговата ненадоместлива загуба.
Националниот комитет ги надоместил и трошоците за погребот на Ѓорче Петров, додека братствата, од своја страна, издале голем број на некролози со кои ја повикувале македонската емиграција масовно да присуствува на погребот. Во траурната погребна поворка присуствувала речиси целата македонска емиграција од Софија, а последна почит на македонскиот револуционер и деец дошле да му изразат и многубројни емигрантски делегации и од внатрешноста на Бугарија.
На погребот биле присутни и голем број пријатели на Ѓорче Петров од редовите на бугарскиот општествено-политички и јавен живот. Пред неговиот гроб биле одржани голем број на емотивни говори во кои се величело делото на овој македонски револуционер и се осудувал чинот на неговото убиство.
Внукот од братот Спиро, Методија на погребот јавно и гневно рекол дека ќе го одмазди чичко си. Поради изјавата му се заканиле дека ќе го убијат и него, ако не си замине од Софија. Методија заминал во Берлин, каде што го сменил презимето од Петров во Тројачанец.
Убиството на Ѓорче Петров ги влошува односите на ВМРО и Земјоделската влада а предизвикува и сериозни недоразбирања во самото ВМРО. По убиството на Петров започнува периодот на крвави борби за превласт во ВМРО помеѓу двете светски војни.