10 години “Прилеп стари фотографии”, 10 години исполнети со сеќавања за богатото културно историско минато на градот под Марковите Кули

Популарната Фејсбук фан страна “Прилеп стари фотографии” денеска слави 10 години од своето постоење. Страната во изминатите 10 години стана култна и е вистински сведок за богатото културно историско минато на градот под Марковите Кули. “Прилеп стари фотографии” беше темел на порталот www.oldprilep.com, кој се појави една година подоцна и денеска претставува катче каде постојат записи и фотографии за сите културни, историски знаменитости, настани, личности, од речиси сите периоди во историјата на Прилеп.

Еве што напишаа администраторите на сајтот по повод 10-годишниот јубилеј:

“Драги пријатели…

На денешен ден пред точно 10 години ја поставивме првата фотографија на ФБ профилот (денес Фан страна) „Прилеп – Стари Фотографии“ со што го означивме почетокот на едно убаво дружење со фотографиите од нашиот град Прилеп.

Пред 9 години успеавме со надчовечки напори да ги пребродиме сите предизвици, и со само-финансирање да ја создадеме веб страницата www.oldprilep.com , која од идеја прерасна во прекрасен медиум со одлична заедница, медиум кој успеа да ги надмине проблемите и да биде пример за одлична соработка со секој добронамерник.

Иако мал тим успеавме да изградиме одличен и почитуван медиум кој има што да каже и да покаже а притоа останавме имуни на секакви партиски и националистички притисоци. Особено се гордееме за пријателствата кои ги надминаа тастатурите и продолжија и надвор од сајтот и ФБ профилот „Прилеп – Стари Фотографии“.

До денес на веб страницата www.oldprilep.com имаме поставено точно 20.450 фотографии, разместени тематски и хронолошки во 1531 постови.

Неизмерно сме благодарни на сите кои ни помогнаа… Посебено на Фото „Зрак“, Емил и Милан Димкар, Димче Чалата, Горан Ристески, Душко Апостолоски, Јане Дамески и многу други (Се надеваме дека нема да замерат што не ги спомнавме) кои несебично ни ги отстапија домашните фото архиви.

Во иднина планираме да продолжиме со исто темпо…Поздрав… Среќни празници… Од Администрацијата на ПСФ”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.