Трет ден Прилеп масовно излезе на градските улици и го крена гласот против воведување на двојазичност и федерализација на државата. Гордо и достоинствено, со јуначки чекори, 10.000 прилепчани маршираа обединето и порачаа: “Нема да ви помине, во Прилеп на прилепски”.
Речиси и да не остана граѓанин на градот херој кој е рамнодушен на урнисувањето на унитарноста на државата и на погазувањето на достоинството на Македонецот.
Од споменикот “Прилепски бранители” пред хотел “Липа”, одново од 18 часот, до монументалниот комплекс “Карпалак”, ечеше Прилеп, криците на градот кој најмногу страдал во минатото ги слушнаа сите.
Кон маршот одново се приклучија голем број видни граѓани, интелектуалци, актери, уметници, но и студенти и средношколци.
Сите заедно, со една идеја, со една цел, а тоа е зачувување на државните интереси, зачувување на македонската чест, македонската химна, знаме, јазик.
Кон мирните протести денес се приклучи и Сашо Гигов- Гиш, кој дополнително ги вивна патриотските чувства кај прилепчани.
Навистина е посебно да се биде дел од овие маршови, се чувствува енергија, поврзаност, емоција, се чувствува една нова енергија, енергија на еден голем во срцето народ.