Од 21 до 24 август во Прилеп ќе се одржи десеттото јубилејно издание на Меѓународниот меморијален ракометен турнир, кој се одржува во чест на прилепската ракометна легенда, Миле Нешкоски.
Турнирот и оваа година за жал ќе се игра во училишна сала, затоа што Универзалната сала, или спортскиот храм на прилепчани, се’ уште не е ставен во функција, иако беше ветено дека недостатоците и безбедноста на едната трибина, ќе бидат решени во првите месеци од работата на новото Министерство за спорт.
Минатото лето, министерот за спорт, Борко Ристовски, веднаш по назначувањето го посети Прилеп и вети дека Универзалната сала ќе биде ставена во функција за неколку месеци…. Оттогаш помина цела година, а Универзална се’ уште чека враќање на спортистите…
Гостин на турнирот “Миле Нешкоски” оваа година ќе биде екипата на Црвена Ѕвезда, а учесници на турнирот покрај домаќинот РК Прилеп, ќе бидат уште екипите на: Бутел, Тиквеш, Пролет и Еурофарм Пелистер 2.
Инаку, Универзалната сала не е во функција повеќе години, а веќе видливо е дека времето остава траги врз овој некогаш грандиозен спортски објект.
При последната посета на Прилеп во март годинава, Ристовски изјави:
„За да прескокнеме некои административни чекори за јас ја побарам Спортската сала која што е сега под ПУИГ да дојде кај мене, па повторно да ја давам на користење на Компанијата која што е заинтересирана – „Комфи Ангел“…ние направивме едно решение со кои ги скративме постапките. А тоа е – обавив разговор со директорот на ПУИГ на кого му се кажани насоките од Министерството и од Владата што треба да направи и ги споивме. Мислам дека тие веќе имаа два состаноци на кои што сега веќе меѓу нив ги договараат работите. А тоа е, Компанијата „Комфи Ангел“, заради користење на подолг период, да ја исреконстриура целата спортска сала и да им ја даде на користење“.