На 10.12.2015г, ЏК Бушидо од Прилеп организираше свеченост на која беа доделени Благодарници на нивните млади борци, на нивните соработници и спонзори. Исто така беа презентирани успесите на учениците кои во изминатите 7 месеци покажале големи резултати, и за краток период успеале да срушат големи натпреварувачи на татамите.
Најпрво Благодарница му подели на Ѓорѓи Чатлески, добро познатиот мајстор кој воедно бил и негов учител. Основачот на џудото во Македонија, Ѓорѓи Чатлески им се обрати на учениците за предизвиците и големината на спортот, како и за одвикнувањата кои ги бара спортот за да се постигне успех.
Речиси сите ученици се закитиле со први, втори и трети места во изминатиот период, а сега се веќе уште повеќе мотивирани и се подготвуваат за идните предизвици. Тренерот и мајстор за боречки вештини Рубин Пеески, не го криеше задоволството и говореше пред родителите на децата и поканетите гости.
Тренерот Рубин Пеески потенцира дека наскоро после новогодишните празници, клубот Бушидо започнува со подготовки за изучување на пософистицирани техники и дека очекуваат ширење на клубот, како резултат на новите услови за тренинг и работа, кои ќе ги добијат наскоро.
Беа одбрани и најдобрите во клубот и тоа: Антонио Талески за најдобри резултати и Мартина Јанкоска за најборбен натпреварувач во клубот.
Инаку Рубин Пеески е роден 1974 година, а со боречки вештини започнува да се занимава во 1980г, кај мајсторот Чешелкоски Петар. Во 1990 започнува со изучување на џудото кај мајстор Ѓорѓи Чатлески, каде и стигнал до црн појас прв дан.
Подоцна како припадник на против терористичкиот вод на АРМ, започнува да применува и други боречки вештини.
Џудо Клубот Бушидо започнува со работа во 2014г. и како најзначајни резултати ги издвојуваме: На државно првенство за млади (од 8 натпреварувачи, освоени 6 медаљи), меѓународен турнир Карпалак ( од 10 натпреварувачи, 10 освоени медаљи).
И на крајот едно кратко видео од борбата на Мартина Јанкоска на меѓународниот турнир Карпалак во Прилеп.