Родена во селото Вапила во близина на Охрид, Весела Грујоска мигрирала со нејзиното семејство во Австралија во 1970година и веќе 50 години работи како чистачка во Централната железничка станица во Сиднеј и речиси никогаш не зела боледување.
Денеска, на 80-годишна возраст, Весела е се уште на своето работно место и не размислува за пензија. Тајната зад нејзината ментална и физичка подготвеност е нејзиното животно мото, кое и’ помага да изршува работа за која треба многу енергија.
“Работата ве одржува здрави и млади. Да не се прави ништо би било катастрофа”, вели Весела за sbs.com.au
На прашањето од луѓето кога планира да се пензионира, Весела вели:
“Ќе се пензионирам, можеби, кога ќе наполнам 100 години, но можеби нема ни тогаш”
Станицата каде работи, неодамна организирала и специјален ручек во чест на Грујоска, а во нејзина чест, едно од возилата за влечење багаж го добило името по нејзиниот прекар “Веса”.
По нејзиното пристигнување во Австралија, Грујоска работела во фабрика за неделна плата од 29 долари, а во 1973 година се вработила во железничката станица “Рокдејл”.
И по 50 години таа е уште тука. Насмеана, позитивна и посветена секој работен ден.