Семејството Јорданоски од Прилеп, кое својот подобар живот реши да го побара во Австралија и пред 3 години се пресели во Сиднеј, на 25-ти минатиот месец го снајде страшна трагедија.
Нивната помала ќерка Тамара Јорданоски (17) заедно со нејзиното момче Џовани Санторо (18) загина во страшна сообраќајна несреќа во близина на Порт Ботани во Сиднеј.
За трагедијата на двајцата заљубени кои секој миг од денот го поминувале заедно пренесоа речиси сите светски медиуми, а ги потресе сите и во родниот град на семејството Јорданоски.
Непосредно после несреќата, сестрата на Џовани, Селен Санторо на својот Фејсбук профил објави дека омилениот актер на Џовани бил Пол Вокер, кој загина на идентичен начин како и него, чие возило идентично се преврте и запали.
“Братче, во четвртокот го објави ова и беше многу среќен што личиш на Пол Вокер, твојот омилен актер, го сакаше толку многу, што кога бевме мали имав навика да те викам Брајан и тоа не се смени, затоа што на секој телефонски повик кој го добивав од тебе пишуваше Брајан. Сега повеќе нема да добивам повици од Брајан. Загина како Брајан, на истиот начин, секогаш знаев дека ти си тој. Како што тој беше сечиј херој ти си мојот херој, но и сечиј херој. Никогаш нема да те заборавам и ќе се видиме повторно. Довидување мој малечок, те сакам повеќе од се”, напишала Селен Санторо на својот фејсбук профил.
Тамара и Џовани беа погребани во вторникот.
А.Г.