Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски денеска во видео обраќање зборува за јавните претпријатија, за состојбите, предизвиците, како и за корекција на цените на услугите кај дел од нив.
Ви го пренесуваме интегрално неговото обраќање:
„Почитувани сограѓани,
Темите со јавните претпријатија и нивните состојби честопати се предмет на дискусија во јавноста.
И ова мое обраќање е во насока на подобрување на нивната рентабилност,
односно нивна поголема ефикасност во давањето на своите услуги до
корисниците.
Секое од нив се бори со своите предизвици. Пред неколку години енергетската криза беше голем удар за нив. Зголемувањето на платите согласно зголемувањата на минималната плата исто така имаат влијание врз нивната работа, а неопходно е и вложување, односно инвестиции во механизација, кои се сега далеку попотребни од било кога, со оглед дека сме пред нова градежна офанзива каде и тие треба да сработат голем дел од проектите кои ги доби општина Битола од Владата.
Во Битола има претпријатија кои со децении немале корегирани цени, односно не се случило поскапување. Како пример, комуналните услуги не се променети од 1994 година.
Она што сакам да го кажам е дека и ние по примерот на други градови, сме
пред предизвикот за зголемување на цените на услугите.
Не е популарна мерка, но е доволно храбра за да имаме претпријатија кои ќе бидат посамостојни во своето работење и многу поефикасни отколку досега.
Почитувани сограѓани верувам дека ќе имате разбирање за споменатите аргументи во делот на корекцијата на дел од цените на услугите и дека заедно ќе продолжиме да градиме одржив систем на функционирање на јавните претпријатија.
























