Ќе се замрзнат цените и на јајцата и оризот

На наредната владина седница ќе се донесе одлука за проширување на одлуката за дополнителни производи чии цени треба да се замрзнат, а најверојатно тоа ќе бидат оризот и јајцата, потенцираше денеска министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој рече дека утре имаат редовна седница на Владата, а во текот на денешниот ден треба да добијат податоци од Заводот за статистика во делот на движењето на цените, и во трговијата на мало и трговијата на големо за месец ноември.

-Aко има драстични зголемувања на цените, уште од утре ќе донесеме одлуки за проширување на одлуката со дополнителни производи, најверојатно тоа ќе биде оризот и јајцата како производите кои се користат повеќе од семејствата и се неопходни, за наредните два месеца да нема зголемување на цените. Многу е важно да се наведе дека одлуките не важат за денешните цени, важат за цените кои биле формирани од страна на трговците од 1 декември и тие цени ќе важат до 31 јануари. Цените не можат да се зголемат, можат само да се намалат, рече Бектеши.

Бектеши вели дека се во комуникација со сите производители, а нивно право е дали ќе го намалат и запрат производството.

-Ние сме во комуникација со сите домашни производители, само треба граѓаните да знаат дека оваа одлука не важи само за домашните производи. Важи и за производите кои спаѓаат во овие категории што се увезуваат, ним ќе им се намали маржата целосно што ја добиваат и големите и малите трговци. Во време кога кризите се увезени, како што е енергетската криза, затоа што во берзите е зголемена цената на електрична енергија, а претпријатијата се од слободен пазар и се снабдуваат од трговци, тогаш секако ние мора да донесеме вакви одлуки за да го штитиме стандардот на нашите граѓани. Дополнително на компаниите им излегуваме во пресрет да воведат нови технологии, да ги намалат нивните оператвни трошоци, а секако да бидат и поконкурентни, не само на домашниот пазар, туку и на европскиот пазар, рече Бектеши.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.