Со цел подобрување на социјалните услуги за социјална заштита на своите повозрасни граѓани, Општина Прилеп се вклучува во проектот за социјални услуги на локално ниво, кој е фокусиран за помош на стари лица во заедницата. Преку проектот ќе бидат ангажирани лица кои ќе им помагаат на повозрасните граѓани со помош и нега во домот, за вршење на основните активности од секојдневниот живот, со цел старите лица да продолжат да живеат во сопствениот дом и да водат независен живот во заедницата.
„Ова во суштина, ќе претставува сервис за домашни услуги и подобри услови за живот на стари и изнемоштени лица во Прилеп“, вели градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, посочувајќи ја важноста за вонинституционалната грижа на старите лица.
Во проектот за регионов ќе бидат вклучени околу 40 обучени негуватели, кои ќе имаат улога според потребите на примателите на услуга да помагаат во вршење на основните активности: лични услуги, помош при земање на медицинската терапија, готвење, купување продукти и лекови.
Проектот, за подобрување на социјалните услуги, заедно со Општина Прилеп, го спроведува „Центарот за развој и едукација“ во соработка со Министерството за труд и социјална политика на Р. Македонија, а во него се вклучени и соседните општини, Долнени и Кривогаштани.