Ќе победи ли конечно РК Прилеп? “Рецептот” на Велески не збувна на плус 6

Ракометарите на РК Прилеп го претрпеа и петтиот пораз сезонава, откако на гостувањето во Скопје кај Бутел загубија со 27:21 (13:12 на полувремето).

Иако прилепчани одиграа солидно прво полувреме и после неколку водства на Бутел со 3 гола разлика, стигнуваа до егал или гол разлика, а во вториот дел се играше гол за гол се до последните 15 минути, кога на теренот играше само еден тим – РК Бутел.

Домаќините направија серија од 8:1 и го срушија сонот за бодови на прилепчани од овој дуел. Со ова Кузманоски им се реваншираше на своите сограѓани за поразот во првото коло, кога во Прилеп резултатот беше 28:27.

За потсетување, во пресрет на натпреварот капитенот Велески за “24 ракомет”, истакна дека за бодови во Бутел треба да се одигра натпревар без грешки, но неговиот “рецепт” донесе -6 наместо +6 на крајниот резултат од семафорот.

Речиси стандардно во редовите на РК Прилеп најдобри поединци беа Владан Кастратович и Квастек Томислав со по 5 погодоци, а Рајатовски постигна 4.

Прилеп има само 7 бода на табелата и иако се’ уште е почеток на сезоната, веќе е на минус 5 од местата кои носат во плеј-оф разигрувањето.

Во наредното коло РК Прилеп го пречекува Пролет.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.