Ќе не банкротира ли северномакедонскава Влада? „Сардич“ бара 350 милиони евра отштета од Македонија

Украинската компанија „Сардич“, на која Влaдата и ја одзеде концесијата за експлоатација на рудникот Казандол во Валандово поради незадоволување на стандардите, бара отштета од 350 милиони евра од Македонија, објави МКД.мк. Владата во спорот ја ангажирала адвокатската канцеларија „Вајт енд кејс“ од САД.

Адвокатската канцеларија е една од најуспешните кога станува збор за арбитражни постапки, а понуди биле доставени и од адвокатските канцеларии „Маер Браун“ (Маyer Brown) од Франција, „Орик“ (Оrrick) и „Мекдермот Вил енд Емри“ (McDermot Will&Emery) од СР Германија и „Дешерт“ (Dechert) од Франција. Во координативното тело на Владата за следење на арбитражни постапки членуваат вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрите Драган Тевдовски и Крешник Бектеши, како и државниот правобранител Фахми Стафа. Од Владата не ја кажуваат цената за оваа услуга.

Пред повеќе од една година Владата еднострано го раскина Договорот за концесија, а инвеститорот реагираше дека ќе претрпи огромна материјална штета проценета на преку 380 милиони евра.

Според проектот на „Сардич“, Казандол требаше да биде прв современ рударски комплекс изграден на Балканот по 40 години и експлоатацијата на катоден бакар со чистота 99.99% требаше да започне уште лани.

Арбитражната постапка ќе се води пред Меѓународниот центар за инвестициски спорови во Вашингтон, САД.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.