Во најавата за утрешната петочна колумна, новинарот Зоран Момироски, се задржа и на постапката за избор на нови членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија во Прилеп.
Имено, на последната седница на Советот на општина Прилеп, советниците избраа комисии кои ќе го вршат изборот на нови одборници, а кандидатите ќе се пријават на јавен повик.
Иако повикот се’ уште не е објавен, Момироски пишува дека надоместокот нема да биде како досега по 800 ден. од седница, туку до 30% од просечната плата во Македонија.
Имајќи во предвид дека просечната плата во државата надмина 45.000 ден., тогаш 30% од оваа сума, би значело дека идните членови во управните и надзорните одбори би добивале над 13.000 ден. по седница.
-Нема избор на членови на управен и надзорен одбор по партиски клуч во јавно комуналните претријатија. Секој може да конкурира на јавен повик. Се очекува интересот да биде голем оти нема повеќе надоместокот од одржана седница да биде 800 денари, туку до 30% посто од просечниот личен доход во државава, стои во најавата на новинарот, а деталите ќе ги прочитаме утре во неговата најнова колумна.
























