Љубовта кон Македониja и почитта кон илинденците се нejзина водилка: Интервjy со Дpaгана Kaловcка, девojка кoja 4 години по peд е дел од Илинденcката коњаница (Фото)

Драгана Каловска од Скопје четири години е дел од Илинденскиот марш на коњаницата од Горно Лисиче. Четири години по ред оваа девојка, рамо до рамо со момците, јава на коњ до славното Крушево за Илинден. Оваа година таа беше единствената девојка во илинденската коњаница, која одново на ден пред Илинден пристигна во Крушево и се поклони пред делото и жртвата на илинденците. Драгана е девојка патриот, исполнета со љубов кон татковината, восхит кон убавините на Македонија и искрена почит кон македонската историја и традиција. Таа им пркоси на предрасудите, а нејзиниот подвиг да јава околу 200 километри од Скопје до Крушево, е вреден за секоја пофалба и почит. Во продолжение разговараме за сите згоди и незгоди, за сите доживувања, патот по кој се движат коњаниците и пристигнувањето во Крушево.

Колку години си дел од Илинденскиот марш и како се реши на еден ваков потег?

– Најпрво би сакала да се заблагодарам на вашиот медиум за вниманието коешто ми го посветувате, навистина ми значи.
Ова е веќе четврта година по ред како што сум дел од Илинденскиот марш, поточно дел скопската коњаница од Горно Лисиче. 2017 година за прв пат се решив да бидам дел од ова патешествие, одлуката ја донесов спонтано. Во оглед на тоа дека Илинденскиот марш го следам со години, не ми беше ново и непознато, а и поради тоа што сум голем почитувач на историјата и нашите традиции, тоа ми беше голема мотивација, за речиси половина година пред да почнат подготовките, да се решам на ваков потег. Морам да кажам дека не се предомислив ниту еднаш, ниту пак имав лоша мисла и покрај нужните подготовки и неискуството кое го имав тогаш. Цврсто бев решена на ваков потег, сакав на мој начин да дадам придонес во чест и поклон за илинденците. Сметав дека овој чин е најсоодветен, без оглед на сите предизвици со кои се соочив, не дозволив да ме обесхрабрат.

Какво е чувството да си единствена девојка помеѓу коњаниците?

– Ова е веројатно најчестото прашање кое што ми е поставувано. Многу луѓе ме прашуваат како се снаоѓам со јавањето покрај толку машки. Веројатно и заради предрасудите кои постојат дека не е типично да се гледаат девојки кои тоа го прават. Морам да кажам дека третманот во коњаницата сиве овие години барем по моја проценка е еднаков за сите учесници, секако дека има разлики особено за ново пријавените, поради тоа што поискусните јавачи секако дека имаат повеќе искуство и ги пренесуваат своите знаења за сите останати како треба да се справуваат во одредени предизвици околу јавањето, и тие укажувања се почитувани. Јас и првата година влегов на подготовките колку толку спремна, но неискусна и многу работи научив низ годиниве, благодарение на помоштта и укажувањата кои момците од четата ми ги даваа, и секако дека ми била укажана помош при физички работи кои не сум можела да ги направам, како затегнување на седлото итн. Без разлика на момци, или девојчиња, тешкотиите и напорот се исти за сите, но морам да посочам дека секогаш сум се чувствувала почитувана, заштитувана и ниту еднаш помалку вредна од страна на момците, за што сум им многу благодарна. Оваа година требаше да одиме две девојки од Горно Лисиче, но Марија Стамболиска, нашата најмлада коњаничка, за жал се повреди на тренинг вежбите, не можеше да јава до Крушево, но ми беше најголема помош во придружба, би сакала да ја охрабрам, како и сите оние девојки кои сакаат да земат учество на коњаничкиот марш.

Што е потребно да се стане дел од коњаницата на „Здружението од Горно Лисиче 1978“ и дали се потребни предходни подготовки и тренинзи пред да се тргне на Илинденскиот марш?

-Секоја година отприлика во јуни месец Здружението Илинденски марш од Горно Лисиче има конкурс за пријавување на учесници, со временски рок за пријавување на кој можат сите заинтересирани да дојдат да се пријават пред истекот на рокот, подоцна се одлучува зависно од расположливите средства колкав ќе биде бројот на коњаници. За да учествувате во кочаничкиот марш потребно е човек да се реши цврсто, да не се откажува, да има силна волја и да биде храбар за да може да ги издржи предизвиците со кои ќе се сретне на патот до Крушево. Подготовките би рекла дека според мене се многу нужни и задолжителни, особено за оние кои прв пат се пријавуваат за учество и немаат никакво искуство во јавањето. Истите започнуваат скоро три недели пред да се биде тргнувањето. Би посочила дека за разлика од претходни години каде имаше повеќе спонзори и поголема поддршка од страна на државни институции, затоа што пред се станува збор за културна традиционална манифестација, која ако има голем број на пријавени, финансиите не се доволни па секој учесник се грижи за трошоците кои произлегуваат за својот коњ што го јава. Секако има луѓе и правни лица кои секоја година ја поддржуваат коњаницата, без чија помош би било тешко да се одржи коњаничкиот марш со сета логистика која е потребна за јавачите.

Кои населени места ги поминавте оваа година на патот до славното Крушево?

– На 27-ми јули традиционално кочаницата тргнува со молитва и благословување од црквата Св. Петар и Павле од Горно Лисиче, со скромна манифестација и собир оваа година заради мерките против коронавирусот. Затоа што манифестацијата на тргнувањето започнува попладне, а не јаваме навечер, од Горно Лисиче се упатуваме во Долно Лисиче во црквата Св. Троица, каде во двор на црквата преспиваме. На излез од Скопје поминуваме низ скопската општина Петровец која секоја година не поддржува со доручек, понатаму кај Катланово се приклучуваме на стариот пат за Велес, каде преку ридовите се симнуваме на Велешкото езеро, потоа до Велес каде даваме почит пред споменикот на илинденците и после градот Велес ноќеваме на местото познато како Тополка. Од Тополка, општина Чашка се упатуваме кон Стариград и стигнуваме до селото Теово истиот ден каде ноќеваме. Жителите и посетителите на Теово можам да кажам дека не изостанале, и секоја година не пречекаат со почит и многу радост, тука вечераме во стариот манастир Св. Архангел Михаил. Од Теово по прекрасната Бабуна се упатуваме преку стрмен терен до селото Стровија и се спуштаме на северниот дел од Прилепското поле, каде преку селата Црнилиште, Рилево, Лажани доаѓаме да преноќиме во рамничарското село Ропотово, Општина Долнени. Последниот ден ја јаваме Пелагониската рамница преку Кривогаштани и се упатуваме оттаму кон Крушево.

Каде спиете, каде јадете и во кој дел од Македонија ви е најубаво кога поминувате?

– Спиеме под отворено небо, на земја во вреќи за спиење. Xраната пак зависно од местото, застануваме во две цркви за оброк, па ги користиме нивните простории. Ocтанатите оброци се или на нога, или со скромно поставена трпеза. Не би можела да издвојам посебен дел од оние кои ги поминуваме, убави се сите предели со свои посебности. Дали станува збор за распространетите редови на грозје во Чашка, прекрасната природа, ладниот воздух и шупотењето на Бабуна, до галопирањето покрај тутуноберачите и насадите со сончогледи низ Пелагонија. Секое место има свој дух и карактеристики, кои верувам можат да се најдат само во Македонија.

Има ли некоја интересна случка, згода или незгода која ти останала во сеќавање во изминатите години?

– Првите две години како по неискусна за разлика од другите, имав неколку непријатни ситуации, секоја поврзана со јавањето и со коњите. Истите, иако навидум можат да бидат мирни, никогаш не знаете како можат да изреагираат во некоја ситуација, чувствителни се голем дел од нив на звуци, се плашат од други луѓе, можат да се повредат ако не се внимава, го чувствуваат јавачот особено ако тој чувствува страв. Велат ако ти го земе коњот стравот, подобро не се качувај на него. За посебна случка не можам да издвојам навистина имало многу, но ги паметам сите коњи по име и по нивниот табиет, затоа што и тие си имаат свој карактер и особености што ги разликуваат. Од случки би кажала дека прилично се’ што може да му се случи на некого од коњ сум го искусила, сум паднала многу пати, сум била касната од коњ, згазната по нога, ми се свртело седло, коњот се сопнал, се исплашил од нешто, не сакал да тргне, не сакал да застане, срипал сакал да ме бутне, се лизнал на асфалт, ми се исправил на две нозе итн. Интересно е како ги бањаме коњите во Крушевското езеро, влегуваме со се нив, а најголем дел од нив уживаат кога се бањаат и пливаат. Најубаво е кога галопираш, коњот може да се движи со голема брзина, ако не се плашиш и ако знаеш како, тоа претставува вистинско задоволство, особено низ ливадите кои ги поминуваме низ Пелагонија. Се грижиме за нив затоа што не носат на својот грб, а нужно е и зближувањето секој со својот коњ, исто како и со луѓето довербата е важна, вниманието и грижата. И покрај незгодите ги засакав многу коњите, затоа што се навистина горделиви и чувствителни животни, а има и по некој инаетлив и бесен, затоа е најважно да се зближиш со него и да го процениш што може, а што не да направи. Она што беше одбележување на овој коњанички марш оваа година е нашиот коњаник/пешадија Томе Саздов, кој со силна желба после повредата на коњот стигна до Крушево, одејќи пеш по коњите. Заслужува внимание и респект, затоа што не е ни воопшто лесно да се направи истото.

Дали временските прилики, жешкото сонце или дождот, по патот ви претставуваат проблем?

– Тешко е и напорно да се јава на жешково сонце, напорно е има голем предизвик да јаваш кога врне, сум ги искусила и двете крајности, најубаво е кога има облаци без жешко сонце и без дожд, но тоа е идеално време што не може секој ден да се погоди. Среќна бев ако се погоди такво време бар час или повеќе. Коњите го чувствуваат напорот исто како нас. Без разлика дали сме изложени на жешко сонце, или има дожд, се трудиме навистина да се грижиме за коњите со внимание и да не ги оптеретуваме дополнително на напорниот пат. Се случува и по неколку пати да се симнуваме од коњите, да одиме пешки за да ги одмориме, особено по стримините или долго јавање на асфалт, што за нив е дополнително отежнување. Има коњи што повеќе тераат, има некои што се поспори, па затоа се трудиме да го усогласиме тоа и да не отежнуваме дополнително со брзо јавање, зашто уморот ги стига и нив. Јас велам ако се има силна желба и мотивација, временските прилики, или неприлики ќе се издржат.

Какво е чувството кога ќе пристигнете во Крушево на Илинден?

– Со радост и огромна позитивна енергија, која пред се се должи на луѓето кои излегуваат да не пречекаат срдечно, со аплаузи, веејќи ги знамињата гордо, има многу емоциии и човек се чувствува навистина горд што после напорниот пат и сите предизвици на истиот стигнал до славното Крушево каде се чувствува сеуште духот на илинденците. Дедо Борче Карев кој не пречекува секоја година најдобро знае да раскаже за Крушевската Република, доволно ми е само низ неговите очи да ја погледнам заложбата во која сите ние сме дел и на таа заложба и на саможртвувањето на илинденците оддаваме почит, за заветот за автономна Македонска Република. Чувството е незаменливо и небаре сум за краток миг во таа 903-та година, горда на дадената жртва и со длабок поклон кон делото на илинденците. Илинден е најважниот момент или настан од историјата на Македонија, за некого можеби не толку важен, за мене најважен, заради неприкосновената храброст на востаниците да покажат отпор, иако знаејќи дека ќе бидат убиени, за крај на ропството, со голема бунтовност и неколебливост во единствената идеја за слободна и суверена Македонска држава. Имаме со што да се гоордееме, зашто Илинденското востание е прва Република на овој дел од Европа, тоа треба да го знаат сите Македонци и да го почитуваат. Да не беше саможртвата на востаниците, ние денеска можеби немаше да уживаме во оваа слобода, која е добиена со многу крв и на грбот на илјадници семејства, кои и покрај петстотини години ропство и изживување врз македонскиот народ, не ја поткопале каузата на Македонците, како и другите народности кои живеат тука, во борбата за своја држава. Впрочем трајната истрајност, секогаш била дел од македонскиот дух, а ние мора да ја почитуваме честа, на оние кои го поставија темелот на македонската државност, жртвувајќи се себе и своите семејства.

Дали и во иднина ќе бидеш дел од коњаницата од Горно Лисиче?

-Илинденското востание и неговиот Манифест во чија срж е обединување на народите и верите зад идејата за независна Македонија, сметам дека ни е должност да го зачуваме тоа, да сме благодарни и да се поклонуваме на паднатите борци пред олтарот на татковината и да го одржуваме споменот на Илинден секој на свој начин. Јас го одбрав овој начин и ќе продолжам да бидам и во иднина дел од коњаницата од Горно Лисиче, во рамки на моите способности без разлика дали ќе бидам коњаник секоја година, или ќе ги придружувам и помагам. За да споменот се одржи важно е да си ги почитуваме традициите, борбата за Македонија и за правата на народот никогаш нема да престане, па така и мојата мотивација да се поттикне храброст и неколебливост на македонскиот народ, во обидите да си ја зачува својата посебност и идентитет, а Илинден е длабоко врежан во македонската историја и му дава смисла на постоењето на овој народ, со тоа треба да се гордееме и да го зачуваме.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.