Во недела, на 18 октомври 2020, ќе се одржи главната и централна прослава на милениумскиот јубилеј, односно ќе се одбележат 1.000 години од основањето на Бигорскиот манастир.
Централната прослава ќе започне со Божествена архијерејска Литургија, со којашто ќе чиноначалствува Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА, а по завршетокот на Литургијата, со пригодно слово кон присутните, освен Архиепископот г. г. Стефан, ќе се обрати и покровителот на прославата, Претседателот на државата г. Стево Пендаровски.
Митрополитот г. Тимотеј и Епископот г. Партениј ќе доделат ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за илјадалетието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.
Целата програма вклучително и Светата Богослужба, ќе се одвива на отворено, во дворот на Манастирот, каде ќе биде поставена монтажна бина, а исто така и видео-екран.
Целата церемонија ќе може да се прослеси на МТВ, како и на фејсбук страницата и на јутјуб каналот на Бигорскиот манастир.