Денеска во големата сала на општина Прилеп беше конституиран новиот Совет, во кој членуваат 15 советници од ВМРО-ДПМНЕ, 10 од СДСМ и двајца советници од политичката партија Левица.
Со ова заврши примопредавањето на локалната власт во Прилеп, која од вчера ја предводи новиот градоначалник Д-р Борче Јовчески.
Со конституирањето на Советот се содадоа можности и за носење на одлуки за реализација на новите проекти, но и за кадровски освежувања во институциите.
Со оглед на тоа дека во изминатите 4 години многу малку се направи за подобрување на животот на граѓаните, прилепчани очекуваат назначување на професионалци и луѓе со интегритет и искуство на раководните места во јавните претпријатија и училиштата, каде ингеренции има градоначалникот.
Според она што може да се прочита на социјалните мрежи, граѓаните бараат вистински кадровски освежувања, а не исполнување на нечии лични желби и потреби.
Всушност тоа е една од многуте причини поради кои дојде и до промена на локалната власт во Прилеп по само 4 години владеење на СДСМ.
Коментарите на прилепчани на социјалните мрежи и чаршиските муабети велат дека Јовчески ќе знае да препознае и формира тим на вистински професионалци, кои ќе работат исклучиво во интерес на граѓаните.
Особено важно е вистински лица да седнат во директорските столчиња во јавните претпријатија, но и во главните сектори во општина Прилеп, која изминатите 4 години функционираше како “приватна фирма”.
Aко се земе во предвид дека Јовчески освои над 22.000 гласови од прилепчани, или 7.500 гласови повеќе од неговиот конкурент, тогаш има и полно право целосно и самостојно да носи одлуки и да предлага решенија.