Денес продолживме со една голема пролетна еколошка акција за засадување на дрвја во општина Прилеп. Огромна благодарност упатувам до една од најголемите компании во нашиот град ,,Комфи Ангел” а со сигурност исто така и со голема општествена одговорност, за својот придонес за подигнување на свеста кај граѓаните за заштита и зачувување на животната средина. Компанија која од денешна гледна точка има богато минато за нашата општина и многу општествени инвестиции и проекти кои што го подобриле животот во нашата општина Прилеп – напиша на ФБ градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески после денешната акција за пошумување кај Алинци.
-Денес, заедно со вработените на компанијата Комфи Ангел и дел од општинската администрација, Советот на Општина Прилеп и службите на ЈКП Комуналец и Јавното претпријатие Македонски Шуми, засадивме 10 000 дрва (костен, даб и црн бор) во регионот на населеното место Алинци. Со ова ја продолжуваме акцијата за пошумување на овој регион која што пред неколку месеци беше започната по иницијатива на Советот на општина Прилеп кога беа засадени околу 4000 дрва. А исто така сакам да истакнам дека со овие еко акции ја исполнуваме нашата замисла и ветување за засадување на над 2000 садници секоја година во околината на Прилеп. На менаџерскиот тим и на вработените им благодариме за оваа акција и се надеваме и на идни проекти кои што со сигурност би придонесле за подобрување на условите за живот во нашата заедница. Во наредниот период ќе ги продолжиме ваквите еко-акции и ќе продолжиме да делуваме и понатаму континуирано во секојдневна координација со ЈКП „Комуналец“ и со останатите надлежни институции – напиша Јовчески.