Јовчески: Започнува нова развојна фаза на Прилеп, ова се проектите кои со 8 милиони евра од Владата ќе се реализираат во нашиот град (ФОТО)

Со особено задоволство сакам да ве информирам дека Општина Прилеп во следниов период започнува нова, значајна развојна фаза – истакна на денешната прес конференција градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, кој ги презентираше проектите кои ќе се реализираат во општината со пари од државата.

Прес конференцијата на Јовчески интегрално ја пренесуваме во продолжение:

-Во Владата на Република Македонија минатата недела официјално ги потпишавме договорите за реализација на проектите што ги поднесовме преку јавниот повик на Министерството за локална самоуправа за 2025 година. Со ова, Прилеп обезбедува нови инвестиции во вредност од приближно 8 милиони евра, насочени кон капитални проекти со директна корист за граѓаните.

Во наредниот период следуваат:

-Реконструкција на дел од плоштадот „Методија Андонов – Ченто“,

– Изградба на нов мост на ул. „Победа“,

– Реконструкција на влезот на градот од правецот на Македонски Брод – ул. „Орде Чопела“,

– Целосна реконструкција на ул. „Трајко Николоски“ со нови електроинсталации,
– Нови детски игралишта во центарот – зад Участакот – и во населбата Типски,
– Изградба на водоснабдителен систем за село Лениште,
– Реконструкција на цевководот кон Индустриската зона и манастирот во Селце,
– Поставување на фотонапонска централа на Пречистителната станица,
– Интеграција на SCADA системот со ГИС платформа,
– Замена на дотраената водоводна мрежа во центарот (делови од бул. „Гоце Делчев“, ул. „Кузман Јосифоски“ и ул. „Ленин“),
– Поставување полуподземни контејнери на 21 локација низ градот,
– Реконструкција на фасадата на ООУ „Рампо Левката“.

Сите овие проекти се од витално значење и претставуваат директен одговор на реалните потреби на нашите сограѓани. Ова е доказ дека кога работиме посветено, визионерски и чесно – резултатите не изостануваат.

Потсетување:
Во 2024 година, преку првиот јавен повик, Општина Прилеп веќе обезбеди 3 милиони евра за:
-Кружниот тек кај мостот „Табана“,
-Изградба на дел од ул. „Победа“,
-Реконструкција на водоводот во Карабдалица.

Водоводната мрежа е веќе завршена, а останатите проекти влегуваат во градежна фаза уште следната недела.

Ако го погледнеме вкупниот период од последните две години, можеме со гордост да кажеме дека, благодарение на поддршката од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Општина Прилеп обезбеди историска поддршка од 11 милиони евра директни инвестиции!

Но тука не застануваме!

Општина Прилеп обезбеди средства за реализација на уште два нови проекти за подобрување на животната средина и јавната инфраструктура, одобрени од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој, во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година.

„Подобро одржување на зелените површини во Општина Прилеп“
Финансиска поддршка: 2.500.000 денари

Цел: Набавка на мини багер за поефикасно и континуирано одржување на зеленилото низ градот.

И „Пошумување на споменикот на природата Маркови кули“
Финансиска поддршка: 2.000.000 денари

Цел: Набавка на трактор со приколка и опрема за успешно пошумување и заштита на природниот локалитет.

Договорите за двата проекта се веќе потпишани и веднаш пристапуваме кон нивна реализација. По набавката, механизацијата ќе биде предадена на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, со кое заедно ќе ги спроведеме активностите на терен.

Почитувани граѓани,
Ова не се само бројки – ова се конкретни дела. Ова се улици, мостови, водоводи, игралишта, решенија за животната средина. Ова е инвестиција во квалитетот на живот и во иднината на Прилеп.

Ќе продолжиме да работиме уште поодлучно, затоа што Прилеп заслужува многу – и тоа не само во зборови, туку и во дела!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.