“Јованоски, секуларен за коледе, несекуларен за Св.Никола: На кој Јованоски да му веруваме?!”

Прилеп денеска по 13-ти пат го одбележува патронот на градот Св. Никола. Во центарот на градот повторно беше поставена посна трпеза, а домаќин оваа година беше градоначалникот Илија Јованоски и неговото семејство.

Јованоски по се изгледа се предомисли и заборави на секуларноста која ја продаваше за Бадник оваа година.

Граѓаните паметат дека тогаш Јованоски одби да ги прими дечињата од бадниковата поворка, со изговор дека не бил Дедо Мраз и бил неработен ден!?

Градскиот татко на Прилеп одби да ги прими бадникарите – не бил Дедо Мраз и бил неработен ден!?

Во соопштението кое тогаш по барање на порталот “АКО” бeше испратено од општина Прилеп, меѓу другото се велеше дека: “Традицијата треба да се култивира, а не да се примитивизира”.

Денеска градоначалникот заборави на секуларноста и застана пред верниците во центарот на градот, празнувајќи заедно со нив.

Прилеп е град каде обичаите и празниците се празнуваат и се почитуваат од памтивек, па присуството на градоначалникот и првите луѓе од општината никогаш не било спорно. Напротив тие се луѓето кои секогаш и за секој празник, треба да бидат помеѓу верниците и различните националности. Токму граѓаните се тие кои ги избираат и ги носат на власт, па затоа почитувањето на нивните празнувања треба да биде обврска на властите. Не може градоначалник за еден празник да биде секуларен, а за друг не.

Традицијата, празниците и обичаите треба да се почитуваат во целост.

ФОТО: www.prilep.gov.mk




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.