Млад кичевец заврши во скопските клиники откако претходно ја малтретирал малолетната партнерка, а таа го нападнала со нож.
Како што јавува МВР, ноќта помеѓу петокот и саботата околу 02,10 часот во полицијата во Кичево, од страна на Медицинскиот Центар -Кичево телефонски било пријавено дека кај нив бил донесен Џ.С.(19) од Кичево, со повреда од нож во вид на расекотина во пределот на слабината и левата надлактица.
Кичевецот по укажаната лекарска помош бил пренесен во Медицинскиот Центар-Гостивар, од каде поради сериозноста на повредите бил препратен во Ургентниот Центар -Скопје.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од кичевката полиција, при што било констатирано дека околу 01,30 часот во Кичево на ул„М.Јовески“ Џ.С.кој бил во алкохолизирана состојба започнал расправија со 16 годишна малолетничка со која живеел во вонбрачна заедница по што физички ја нападнал.
Во еден момент истата зела нож кој бил на масата и со него го удрила во пределот на левата рака-надлактица и во пределот на слабината, нанесувајќи му повреда, а потоа Џ.С. земајќи и го ножот од рака и нанел расекотина на десната рака, по што го фрлил во ходникот од станот, излегол и се упатил во Медицинскиот Центар-Кичево.
Од страна на УПС, ножот бил пронајден и даден за вештачење. Со малолетничката бил извршен разговор во присуство на родител за што бил известен и работник од ЦСР-Кичево. Се работи на целосно расчистување на случајот.