Јанески: “За Прилеп “ЗНАМ” има најкапацитетна советничка листа, составена од искусни и реализирани во своите професии луѓе” (ВИДЕО)

На првиот ден од изборната кампања за локалните избори, свое обраќање имаа од огранокот на Движењето “ЗНАМ за наша Македонија” од Прилеп, партија која за прв пат учествува на локални избори со свои советнички листи.

Во своето обраќање Емил Јанески, претседател на партискиот огранок во Прилеп, порача дека советничката листа на Движењето “ЗНАМ за наша Македонија” е составена од компетентни, искусни и реализирани во своите професии луѓе.

“Советничката листа на Движењето “ЗНАМ за наша Македонија” за Прилеп, е најкапацитетната листа, составена од луѓе искусни, реализирани во своите професии, кои што можат да дадат голем придонес во функционирањето на локалната самоуправа и Советот на општина Прилеп. Ви предлагам, со внимание да ја следите кампањата на Движењето ЗНАМ, да се запознаете со нашата програма и тогаш да одлучите на кого ќе му го дадете својот глас. Прилеп знае за кого ќе гласа”, порача Јанески.

Носител на советничката листа на Движењето “ЗНАМ” во Прилеп е Мирјана Стеваноска, искусен правник и адвокат со над дваесет години професионално искуство, позната по својот придонес во урбанизмот. Таа вети создавање на отворена и транспарентна општина Прилеп, каде секој ќе биде добредојден и каде ќе се решаваат проблемите на сите жители.

“Со голема чест и огромна одговорност, ја отворам оваа кампања како носител на советничката листа на Движењето “ЗНАМ за наша Македонија”. Мојот тим, заедно со мене, имаме само една и единствена цел, локалната самоуправа да ја направиме транспарентна, отчетна, отворена за сите вас. Ве повикувам да не’ придружите на овој пат и да го приклоните вашиот ГЛАС за Прилеп, за нас, ние знаеме на Прилеп што му треба, ние знаеме дека Прилеп е наш, ќе остане наш, и ние тука ќе продолжиме да живееме со нашите деца, нашите поколенија. Нема да дозволиме народот да ни бега, младите да ни бегаат, но ќе овозможиме да живееме во чисти и осветлени улици, безбедност за нашите деца и достоинствен живот за постарите генерации”, рече Стеваноска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.