„Нашиот клуб, нашата гордост-предизвици и можности“, беше насловот на јавната трибина која се одржа во рамките на прославата 70 години ракометна Битола. Цела година е посветена на јубилејот,а во оваа пауза меѓу првиот и вториот дел од ракометните возбудувања во супер лигата и во Европа, Ракометниот клуб „Еурофарм Пелистер“ го чествува роденденот со неколку манифестации.
На трибината присуствуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој упати честитка до клубот, до ракометарите, до навивачката група Чкембари по повод овој голем јубилеј и до сите оние кои се дел од ракометниот свет.
„70 години постоење на еден клуб, тоа е голема историја. Почестен сум и со голема одговорност да застанам пред луѓе кои дале многу за ракометот, пред овие луѓе легенди во ракометот, во спортот кои оставиле голема трага. Јас не ги делам Пелистер и Битола, Битола и Пелистер е едно единствено и во другите гранки на спортот, особено во ракометот кој најмногу го прослави градот“ рече градоначалникот Коњановски.
За историјата на ракометот во Битола пред присутните зборуваше спортскиот хроничар, новинарот во пензија Димче Миновски.
„Не можам да седам кога пред мене се сите битолски ракометни асови, ова е мојата почит кон вас, со кои години и години минувавме заедно. Денеска славиме 70 години од постоењето на РК „Пелистер“. Меѓутоа во името на вистината, ако побараме историја, ако сакаме минато тогаш морам да ве потсетам дека ракометот во Битола почнува од 1926 година. Почнува со женски ракомет. Така што во Битола ракометот го почнуваат женските ракометарки. Првиот натпревар се одиграл на фудбалскиот стадион под Тумбе кафе. Играа битолската екипа со екипа од Нови Сад. Тоа не траеше долго и после неколку децении почнува големиот ракомет“, истакна Миновски кој зборуваше за неколкуте ракометни клубови кои своевремено егзистирале во Битола, а се осврна и на силниот „Пелистер“ на домашен и меѓународен терен.
На темата за „Еурофарм Пелистер“ во периодот на платформата за ракометна Битола зборуваше претседателот на клубот Зоран Стерјов.
„Битола треба да биде горда со овој клуб, со историјата, да ја негува историјата затоа што без историја нема сегашност, а нема ни да има иднина. Од позиција на претседател на клубот сакам да упатам голема благодарност до сите луѓе кои што во изминатите 70 години несебично, посветено, секој на свој начин со своите можности придонесоа РК „Пелистер“ да биде вистински бренд, не само на македонскиот, не само на поранешна Југославија туку и на европскиот ракомет“, рече Стерјов.
Тој додаде дека обединувањето секогаш носи резултати, а тоа го покажа и битолската ракометна платформа.
Во спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе се одржи и Свечена академија и ревијален натпревар на ветераните на „Пелистер“.




























