Доколку Европската унија не поработи на нова политика за интеграција, земјите како што се Германија и Франција би можеле да ја напуштат, пишува француски новинар.
Ако Велика Британија утре 23-ти јуни на референдумот се определи за излез од ЕУ, тој историски момент ќе има влијание на целиот блок.
“Франсоа Оланд и Ангела Меркел би излегле со громогласно соопштение. Шефот на Европската централна банка, Марио Драги, би изјавил дека банката ќе направи се што е можно да ја спаси еврозоната. Брисел ќе одржи итен самит и уште еднаш ќе ја потврди својата политика за интеграција”, пишува Ерик ле Буше во својата статија за порталот “Слејт”. Meѓутоа, како што вели таков одговор би бил недоволен, затоа што ни Брисел, ни членките на ЕУ, нема да бидат во состојба да ги објаснат резултатите на таквото гласање.
Авторот ги анализирал и аргументите на евроскептиците, како и оние кои се за Британија да остане во ЕУ, оценувајќи дека аргументите на оние кои се противат на “брегзит” како поразумни, со оглед на тоа какви последици би имало таквиот излез од ЕУ за таа земја.
Меѓутоа, нивната реторика не допре до обичните граѓани. Застапниците на “брегзит” ги искористија “врелите теми”, односно мигрантската криза, говорејќи дека “Британија ја губи контролата над својата иднина”.
Според нивните зборови, националните интереси го доведоа европскиот дух до распаѓање, така да граѓаните не сакаат да бидат во ЕУ.
“За да можат европските интеграции во иднина да бидат возможни, Франција и Германија би требало веднаш да ги надминат разликите и да работат на заеднички пристап. Единствениот начин да се надмине незадоволството на луѓето е добра политика. Но, ако Париз и Берлин не постигнат консензус, Германија ќе биде следна која ќе ја напушти унијата”, заклучува францускиот новинар.
А.Г.