Шест месеци без плата, една година без редовно здравствено осигурување – Вработените во прилепскиот “Терминал” денеска излегоа на ШТРАЈК!

Шест месеци без плата, вработените во прилепскиот Терминал, кој е под капа на ЈКП Комуналец Прилеп се оставени на милост и немилост. Тие денеска излегоа на ШТРАЈК и побараа раководството на јавното претпријатие нивниот проблем под итно да се реши.

Бараат исплата на барем 4 плати, за да можат да добијат здравствено осигурување. Според вработените во текот на вчерашниот ден им била исплатена една од заостанатите плати, но тоа според нив е премалку и е невозможно да издржат со животните трошоци.

Терминалот во моментов има 8 вработени, чии семејства мака мачат да обезбедат егзистенција. Во моментов не работи ниту кујната на новите градски гробишта, која е во состав на Терминалот.

Претходно вработените во оваа филијала на Комуналец излегоа на предупредувачки протест во ноември минатата година, но досега нивниот проблем не е решен.

Од ЈКП Комуналец велат дека пред неколку недели бил назначен нов раководител на Терминалот и дека проблемот ќе биде решен во скоро време.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.