Денешната минимална плата без усогласувањето е 14.924 денари што значи дека Владата предводена од СДСМ од 2017 година ја зголеми минималната плата за цели шест илјади денари, порача министерската за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
До 2017 година, како што рече во одговор на прашање по посетата на градинката „Росица“, клон „Детелинка“ во Општина Ѓорче Петров, работниците од кожарската, текстилната и индустријата за обувки не беа изедначени со минимална плата и нивната плата беше 8.990 денари.
-Почитувањето на работничките права и заштитата на секое работно место се приоритет на Министерството за труд и социјална политика и на Владата во услови на пандемија кога грижата за секој работник е високо на агендата. Секако дека ќе заврши процесот на усогласување на минималната плата. Вчера веќе имавме седница на Економско социјалниот совет, а во текот на следната недела ќе закажеме нова седница и ќе го испочитуваме законот и минималната плата ќе биде усогласена, рече Шахпаска.
Согласно Законот за минимална плата од 2017 година, како што посочи, усогласувањето на минималната плата се врши секоја година во март врз основа на три критериуми. Тоа е една третина од порастот на просечната плата за минатата година, една третина од растот на трошоците и една третина од растот на Бруто домашниот производ (БДП).
Таа нагласи дека во текот на минатата година просечната плата пораснала за 8,8 проценти и додаде дека СДСМ во изминатиот период докажа дека доследно ги спроведува зацртаните политики и законски обврски.
Синдикатите бараат минималната плата да биде повисока од 16.000 денари, а денеска Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) побара при нејзиното утврдување да се иззема БДП.