Пратениците од власта и поранешни предводници на така наречената “шарена револуција” реагираа преку нивните профили на Фејсбук за синоќешната рација на полицијата низ повеќе скопски кафулиња.
“Манифестацијата на сила беше едно од основните обележја на режимот.
Но, веќе подолго време во скопските клубови се спроведуваат некакви акции, рации од страна на полицијата и инспекциите. Начинот на кој се прави тоа секогаш е со големо полициско присуство, во текот на работното време на клубовите и на начин на кој се попречува нивното работење.
Но најлошо од се’, на начин на кој јасно се манифестира полициската сила. Тоа уште повеќе ја урнисува, и онака малата и кревка доверба на граѓаните во полицијата.
Има начини на кој инспекциите можат да го проверат работењето на клубовите без да го попречат нивното работење. Има начин на кој можат да се фатат дилерите на дрога, лицата кои незаконски носат оружје или да се утврди присуство на малолетници (доколку ги има) без толкава манифестација на сила. Уште повеќе, рациите се ужасно неефикасни за долгорочно справување со ваквите проблеми.
Оваа практика мора да се промени, бидејќи ужасно наликува на едно време кое би требало да го имаме оставено зад нас. Во наредниот период јас и колешката Ивана Туфегџиќ ќе ги искористиме сите механизми кои ни се на располагање, за јавноста да дознае за оправданоста, основаноста и конкретниот исход на овие рации. Како и за можните алтернативни начини на дејствување на институциите со кои би се постигнала истата цел.
п.с. Ognen Uzunovski Ogi беше еден од најактивните борци против режимот. Неговото кафуле ни беше прибежиште на сите, беше местото каде знаевме дека сме безбедни. вмро постојано го таргетираше со инспекции и често пати го казнуваше.
Ама ни вмро не се дрзна да го уапси. А ние го сторивме тоа. Срамота”-напиша Богоевски.
“Со полициски рации не се постигнува ништо освен нарушување на и онака кревката доверба на граѓаните кон полицијата.
Никој не вели дека не треба да има пазарна или даночна инспекција за угостителските објекти меѓутоа тоа може да се направи и на крај на работно време на дискотеката.
Околу дрогата и малолетниците со рацијата се спречува на краток рок до повторно појавување. Тука најголем проблем е диструбуцијата на дрога, а за да се спречи конзумацијата потребна е само и исклучиво едукација, бидејќи силата има краток или никаков ефект.
Хелсиншкиот Комитет веќе најави дека ќе побара испитување од внатрешната контрола за манифестацијата на сила и се надевам и очекувам по тоа барање МВР ефикасно и професионално да постапи.
На крајот, музиката е за ширење љубов, не за приведување. Поддршка за Оги и ќе бараме испитување за неговото вчерашно приведување”, напиша на својот Фејсбук профил пратеничката Ивана Туфегџиќ.