По освојувањето на шампионската титула за сезоната 2023/2024 година, ракометарите на Еурофарм Пелистер имаа прием кај градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Градоначалникот истакна дека Битола веќе втор ден живее со ракометната еуфорија, која што започна во саботата вечерта, по победата на ракометниот клуб Еурофарм Пелистер над Алкалоид.
„Особена чест и задоволство е да се биде заедно со Вас и да ја одбележиме шампионската титула која што останува во Битола. Општината и натаму ќе биде Ваш поддржувач, а се надевам дека и во следната сезона заеднички ќе одбележуваме победи и нови успеси на ракометниот клуб, кој е спортски бренд на градот“, рече Коњановски.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер се заблагодарија на приемот во општина Битола и на подароците, кои им беа доделени од страна на градоначалникот.
На денешната седница на Советот на општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски поднесе иницијатива за финансиска поддршка на ракометарите. Советот донесе одлука за финансиска поддршка во висина од 3.5 милиони денари.