12-годишниот Марко Пејчиноски кој со преживеан инфаркт на долните екстремитети го преплива Охридското езеро на релација Свети Наум – пристаниште Охрид е главна тема поради огромниот успех кој го направи. По тој повод на социјалните мрежи се јави поранешниот олимписки шампион во борење, Шабан Трстена кој се „закани“ дека ќе крши кичми доколку детето не стане европска и светска сензација.
ФОТО/ Ohridnews.com
– Браво за 12 годишното момче Марко Пејчиноски! Покажа храброст, што е мотив, го преплива Охридското Езеро! Луѓе, детево има само 12 години а преплива 30 километри, односно од Свети Наум започна да плива околу 09:30 часот, а на Градското пристаниште во Охрид пристигна околу 18:20 часот. 9 часа без ниту една минута пауза. Значи, никој не треба да ја уверува јавноста дека младото момче е талент! Е па стучњаци, имате пет до седум години детево да го направите европски и светски херој, ако не успеете во тоа, јас, како олимписки шампион, ако Господ ме поживее до тогаш, кога треба да наполнам 63 години, немој да ми излезете пред очи, оти ќе ви ја „скршам кичмата“!
– Зошто го велам ова?! Затоа што имате прекрасен, брилијантен, 12-годишен супер талент да направите голем шампион со кога ќе се гордееме сите и за кого ќе навиваме сите! Немој само декларативно, како извевтени спортски работници, да велите дека сте за спортот и дека се гордеете со Марко и со неговиот подвиг, туку бидете конкретни и зафатете со работа, односно помогнете му да ја изоди шампионската петка.
Јас лично овие денови ќе отидам да му честитам на малиот шампион на овој голем историски успех. Сите сакаме успеси, не бидете неми набљудувачи, туку активни подржувачи на малиот херој!“, пишува Трстена на својот фејсбук профил.
Извор: “Инфомакс”