Чудотворната моќ на црквата Св. Петка во Брајчино: Изворот има вода само пред празникот, а од него жени добиле пopoд (Фото галерија)

Прекрасното Брајчино е село во општина Ресен, во областа Долна Преспа. Селото се наоѓа на само 6 км од езерото и 32 км од Ресен.

Ова е едно од најубавите и најживописните населени места во цела Македонија. Тука природата била дарежлива и го облагодарила местото со една од најбистрите реки во државата, Брајчинска река, како и раскошно зеленило.

Освен прекрасните селски куќи, чистиот воздух, и гостопримливите мештани, во околината на Брајчино се наоѓаат и повеќе свети места.

Едно од нив е манастирот посветен на Св. Петка, кој се наоѓа на 20-тина минути пешачење од селото.

До манастирскиот комплекс се стигнува низ калдрместа шумска патека која е посебно доживување, затоа што наликува на зелен тунел.

Не е позната точната година на изградба на Брајчинскиот манастир, но според пишаните документи, манастирската црква „Света Петка“ во Брајчино е една од постарите храмови во Преспа.

Според познавачите живописот е правен во периодот од 15 до 17 век. Конаците се градени во 1910 година, на остатоците на опожарениот конак од 19 век. Многу оддамна, во манастирската црква имало училиште за монаси.

Дека се работи за многу стар храм, зборува живописот во внатрешноста на црквата.

Добар дел од фреските се реставрирани и зачувани.

Веднаш до манастирската црква се наоѓа кладенче со света вода, кое преку целата година е пресушено. Кладенчето само малку протекува секоја година на 7 август, вечерта спроти празникот Св. Петка, а на 8 август кога се слави празникот на манастирот, повторно секнува.

Така било и оваа година за што посведочија верници кои ноќта ја поминале во манастирските конаци. На самиот празник кога го посетивме манастирот, можевме да забележиме само малку вода во кладенчето.

Околу манастирската црква има конаци кои потекнуваат од поново време, но се изградени во традиционален стил. Конаците се градени во 1910 година, на остатоците на опожарениот конак од XIX век. Денес, за да се дадат се подобри услови за луѓето кои доаѓаат тука, а некои и преспиваат, сè е обновено, конаците, фасадата, чардаците, скалите, има кујна, две трпезарии, гостинска соба за дневен престој, владичка соба, три соби за преспивање со нови кревети и чиста постелнина. Првата иницијатива за враќање на стариот сјај се појавила во 1978 година, кога жителите на селото сами ја почнале обновата на конаците, без донации, а главното обновување почнало во 1995 година, кога селскиот одбор одлучно дал иницијатива да се обнови црквата и конаците.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.