Чешка и Полска запреле испорака од Кина на медицинска опрема за Италија, тврди италијанскиот весник “Република”.
Еден транспорт заштитни маски и опрема се застанати и запленети во Полска, а друг во Чешка.
Во првата испорака која стигнала од Кина имало 680.000 маски и респиратори, кои чешките цариници ги заплениле.
Во чешките медиуми, како што пренесува “Република”, пишувало дека таа опрема била украдена во Чешка и дека поради тоа била запленета, а потоа се објавени фотографии на кои јасно се гледа италијанското и кинеското знаме.
Запленетата опрема веќе е поделена на чешките болници, тврди италијанскиот весник.
Преку Твитер министерот за внатрешни работи Јан Хамачек признал дека очигледно се направила грешка и дека еден “мал дел” од испораката бил хуманитарна пратка за Италија.
Исто така и министерот за надворешни работи Томаш Петричек ја признал грешката и рекол дека заплената не била намерна, како и тоа дека се бараат начини маските да се испорачаат до Италија.
Во Полска, царината исто така запленила опрема наменета за Италија, а во истата имало и 23.000 маски.
Италијанските власти рекле дека се работи за “озбилен и апсурден случај”, а Министерството за надворешни работи извршило притисок врз колегите во Варшава.