Чудесната фреска на Св. Ѓорѓи во прилепско Новоселани – за чудата на светецот се раскажува и денеска (ФОТО)

Насликан е Св. Ѓорѓи како воин, кој ја убива ламјата со копје на една од карпите со наткрилен дел на околу 500 м од селото Новоселани. Св. Ѓорѓи во воена опрема и јавнат на бел коњ со подигнати предни нозе, со копје прободува во пределот на главата од ламја, која е легната под нозете на коњот.

Рамката е поставена надолу. Живописот е дело на добар уметник. Значителен дел од сликата е оштетен со дупчење, гребење и сл. Од делот со ламјата е зачувана само главата со зината челуст и мал дел од вратот. Сосема е откорнат малтерот од еден дел.

Иако доста оштетен, јасно се забележува силно изразениот лик на светецот, како и вешто насликаната облека. Целата слика има јасен израз, хармонизирана естетика со вешто вкомпонирани, живи, но ненападни бои.

Непознатиот зограф насликал импресивен лик, поставувајќи го во динамична и драматична положба во борбата со ламјата, облечен во добро стокмена и убаво украсена воена облека, која мајсторот ја прикажи во ликовна естетика. За жал, ликот на светецот бил ,,нападнат,, со остар предмет и со голем број оштетени места.

Тешко се идентификува психолошката димензија. Од зачуваното лево око и делови од лицето, може да се констатира дека сликарот успеал да долови нагласена возбуда и борбен израз, со глава завртена малку надесно и поглед вперен кон ѕверот, кој веќе е прободен во челуста.

Живопис на карпа е реткост, особено во хоризонталната положба со лик свртен кон земјата. живописот е во димензии 1,35 х 0,95 м.

Според жителите, фреската ја запаметиле и нивните претци. Тоа укажува на постарт датум на создавање, односно најмалку 19 век. Христијанскиот светец на карпата значи извесно култно третирање.

Ликовна анализа потсетува на фреските од постарите периоди, особено од 14 до 16 век, со што датирањето се усложнува.

Складноста на боите и вкупната орнаментика укажуваат на естетка блискост со фреските во најстарите цркви и манастири во Македонија.

Ова може да значи дека се среќаваме со христијанска уметност од исклучително значење, односно со еден исклучителен споменик на културата, поврзан со култот кон каменот и со долгата традиција на сликање на христијански светци на карпа.

Локалните жители го викаат местото Светецот. Во богомилството, кога се изнесувале иконите од црквата за време на суша, се одело на бунарот над селото, а потоа поворката со иконите продолжувала кон Светецот каде застанувала. Според раскажувањата, некој жител пресекол даб од шумичката околу карпата со фреска.

Ноќта се јавил светецот и му рекол да го врати дабот на местото, инаку ќе му биде земено неговото дете. Човекот ги товарил пресечените дрва од дабот и ги вратил на местото на кое ги пресекол.

Денес никој не сече дрва. Дури и овчарите се плашат да запалат оган кога е студено.

Друго предание се пренесува дека деца, кога многу седеле летно време по гумната и дворовите, често забележувале како сноп светлина, како виножито, прелетувало од Светецот кон црквата Св. Ѓорѓи, на оддалеченост од околу 300 м.

На стотина метри од Светецот, на ридот, една помала карпа жителите ја нарекуваат Скршен светец. На неа има остатоци од живопис, кој бил уништен. Таму имало голем даб. Местото се сметало за црковно. Некои го запалиле дабот, но тој останал жив, не изгорел.

Жителите сакале да го пресечат, но никој не се нафаќал. Двајца од селото Долнени дошле да го сечат дабот, но поради тоа се фатиле во нозете.

Уште една карпа кај Новоселани привлекува внимание. Наречена е Арапкамен. Се сведочи дека тука некогаш бил убиен некој Арап и тука бил закопан. Затоа карпата го носи тоа име.

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.