Од 6 ноември од кога е познато дека ќе се формира техничка влада, па се до сега се распишани огласи во државната управа, преку Агенцијата за вработување и Агенцијата за државни службеници за 4.131 работно место, изјави на прес-конференција, Невенка Стаменковска-Стојковски, дополнителен заменик министер на МИОА.
Таа рече дека огласите се случуваат во период кога забелешките се дека државната администрација е превработена и гломозна, а од друга страна со овие вработувања се прави брутална партизација на државниот апарат.
„Ова е безобзирно уништување на институциите. Од 4131 работно место, 911 работни места се во владини институции, Генерален секретаријат, Министерство за економија, Министерство за финансии, Министерство за земјоделие, па и во претпријатија кои мака мачат со исплата на плати како што се Македонски железници“, рече Стаменковска, додавајќи дека платите за дел од распишаните места се движат и од 40 илјади па до 60 илјади денари.
Овие огласи, како што оцени, по нивниот обем и начинот на кој се распишани, за само два месеци, не се ништо друго туку само начин на изборно корумпирање и купување на мир во владејачката партија.
„Сето ова ќе биде на товар на граѓаните, но и на сметка на квалитетни кадри кои ќе останат запоставени и тргнати на страна.
Ревизијата која е во тек ќе ги испита сите неправилности при распишувањето на овие огласи и давањето на согласности. И онаму каде ќе има отстапување ќе побарам нивно поништување. Нема ниту една државна администрација која може да издржи вакви тектонски оптеретувања кои повторно паѓаат на товар на граѓаните“, додаде Стаменковска.