Градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, денеска оствари теренски средби со жителите од населените места Алданци, Норово, Врбоец, Свето Митрани и Бучин, каде одблиску ги сослуша нивните барања, потреби и проблеми со кои се соочуваат во секојдневието.
На средбите се разговараше отворено за приоритетите на локалното население, како и за конкретни прашања поврзани со инфраструктурата, комуналните услуги и подобрувањето на условите за живот во овие населени места. Жителите имаа можност директно да ги изнесат своите предлози и иницијативи, а градоначалникот посочи дека токму ваквата комуникација е основа за креирање реални и одржливи решенија.
„Директната средба со граѓаните ни овозможува подобро да ги разбереме нивните потреби и да носиме одлуки што се во нивен интерес“, истакна Чонески, нагласувајќи дека рамномерниот развој на сите населени места останува еден од клучните приоритети на локалната самоуправа.
Теренските посети ќе продолжат и во наредниот период, со цел општината да остане во постојан контакт со граѓаните и навремено да одговара на нивните барања.
























