Чонески: Победата не е моја, таа е на сите нас, следува ревизија на работењето во изминатите 8 години

Со 19 гласови разлика, Нико Чонески победи во вториот изборен круг над својот конкурент од СДСМ, Томе Христоски, и ќе биде нов градоначалник на Крушево. По прославата на победата, Чонески се обрати на социјалните мрежи и вети многу работа, но и ревизија на досегашното работење во општината.

ФБ статусот на новиот градоначалник на Крушево во целост во продолжение:

-Победата не е моја, таа е на сите нас!

Сите заедно победивме со желбата Крушево да биде поубаво и попросперитетно место за живеење, но и попривлечно за посетување!

Од утре ќе работиме на она кое го ветивме во текот на изборната кампања, но и на многу повеќе од тоа.

Победата ми е особено драга бидејќи одлучија малку гласови, а тоа е уште еден доказ дека СЕКОЈ ГЛАС Е ВАЖЕН.

Во иднина, кога ќе го видите Крушево какво сакаме да биде-ЕСНАФСКО, сетете се дека токму вие пресудивте! И јас ќе се сетам на тоа и ќе ја оправдам вашата доверба.

Ви ветувам ревизија на досегашното работење во општината и институциите и ветувам дека ќе имате градоначалник за сите луѓе, за сите проблеми и градоначалник кој нема да користи службено возило, дневници и репрезентации.

Вечерва е време да прославиме, од утре е време за акција!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.