Врие во опозицискиот табор по последниот Договор за избори на 11 септември на кој може да се види и потписот на опозицискиот лидер Зоран Заев. Членството на СДСМ, експертската јавност блиска до опозицијата но и луѓето кои се редовни пред касата на СОРОС разочарани што по повеќе од две години лидерите решија да стават крај на политичката криза.
На социјалните мрежи може да се види незадоволството од постигнатиот договор, проследено со коментари дека Заев ставил потпис на документот за крај на неговата политичка кариера.
И експертите кои важат за блиски до опозицијата кои редовно ги бранеа ставовите од Бихаќка сега велат дека договорот е „набивање рогови“ на нацијата и обид да се извади тезата дека „магарето лета“
„Исходот на вчерашните преговори наликува на набивање воловски рогови врз цела нација од страна на четирите партии, а притоа нѐ уверуваат дека само што не сме полетале како гулаби. Реалноста е едноставна и спротивна на изјавите на лидерите на големата четворка и на странските дипломати. Во Македонија нема ни минимум услови ниту за фер ниту за слободни, а камоли за демократски избори“ – вели аналитичарот Арсим Зеколи во изјава за Дојче Веле на македонски, медиум кој важи за близок до опозицијата.
Сличен е ставот и на екс гувернерот Петар Гошев кој во последните година дена вложуваше максимални напори да се вгнезди на колку што е можно подобро место во опозицискиот табор.
„Да се даде таква изјава во околностите што ни се познати на сите, значи да се каже дека магарето станало пердувесто животно и дека пролетало. Услови за фер и демократски избори нема. Нема, затоа што ниту една од основните причини кои доведоа до политичката криза на суштински начин не е отстранета“– вели Гошев за Дојче Веле.
Тој додава дека во вакви услови речи си извесно е дека Груевски ќе однесе уште една победа на изборите во декември.
Со таков став се речи си сите политички аналитичари, а особено оние кои редовно го следат расположението на граѓаните кои најавуваат реприза на резултатите од 2014 година кога Заев доживеа класичен дебакл со скоро 200.000 гласа разлика.
Неофицијални извори од Бихаќка велат дека опозицискиот лидер бил свесен дека го чека пораз, но притисокот од меѓународниот фактор по две одлагања изборите конечно да се одржат бил пресуден. Неофицијално, Заев на соработниците им велел дека секој пораз под 100.000 гласа разлика можат да го сметаат за победа и во периодот по изборите да се обидат да издејствуваат некој формат на широка влада, начин на кој би си овозможиле спротивно на волјата на граѓаните да останат дел од власта.
Сепак, најголем дел од луѓето во раководните тела на партијата се свесни како стојат работите на терен и дека очекуваат по изборите, Заев да си замине од лидерската позиција за партијата да може колку толку да се консолидира и да спаси што може да се спаси до локалните избори идната година.