Чичко Зоранчо од Прилеп е вистински пример: Вчера даруваше кpв по стотти пат (ФОТО)

По повод 17 Март – Денот на крводарителите и Денот на Црвениот Крст во Република Македонија, во просториите на Општина Прилеп вчера се организираше крводарителска акција, во соработка со Општинската организација на Црвениот крст од Прилеп и Институтот за трансфузиона медицина.

Крв даруваа над шеесетина редовни крводарители, вработени во Локалната самоуправа како и Градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, кој ја поддржа крводарителската акција и нагласи дека ќе продолжи соработката со службата за трансфузиологија и со прилепската организација на Црвениот крст, бидејќи грижата за здравјето и животот на нашите сограѓани ни е најважна.

Притоа, честитајќи им го 17 март, Денот на крводарителството и Денот на Црвениот крст, Градоначалникот Јовчески им се заблагодари на крводарителите од Прилеп за нивната хуманост, солидарност и несебичност при дарувањето на најскапата течност и им додели благодарници и признанија на повеќекратни крводарители.

Признанија и благодарници добија крводарители кои дарувале над 10 пати крв, 25, 75 пати, а меѓу нив беше и нашиот сограѓанин Зоранчо Стојкоски на кого ова му беше стотти пат да дарува крв.

„Дарувањето е спасување на нечиј живот!“ потенцираа крводарителите и апелираа до младите да бидат хумани, да станат крводарители и несебично да помагаат во спасување на човечки животи .




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.