Шведската невладина организација “Hand till hand” донираше 4 стоматолошки столици во вредност од 40.000 евра за подобрување на условите во школските и стоматолошките амбуланти во градинките во Прилеп. Невладината организација чиј прв човек е Mарија Росенгрен, со потекло од Битола, досега има донирано над 700.000 евра во различни институции во нашиот град.
Првиот од четирите стоматолошки столови веќе е монтиран во градинката во “Тризла”, каде ќе имаат грижа не само децата од предучилишна возраст, туку и учениците од ООУ “Добре Јованоски”. Се очекува стоматолошки столови да се монтираат и во училиштата “Кочо Рацин” и “Kлимент Охридски”.
Инаку стоматолошките столови во училиштата досега беа во катастрофална состојба.
“Ќе значат овие столови за подобрување на оралното здравје на младите, за работата на училиштата. Имавме машини кои беа многу стари, кои не ги задоволуваа потребите за работа, сега со оваа донација работата многу ни се подобрува, се со цел да се подобри оралното здравје на децата”, истакна стоматологот Јулијана Стевананџија.
За хуманиот и општествен ангажман во здравствената заштита, организацијата „Ханд тил ханд“ беше и добитник на Третоноемвриско признание на Општина Прилеп.






























