Четири генерации виолинисти од едно семејство: Кој не ги слушал Тумбески не знае што е уживање со виолина

Никола Тумбески – виолинист, пензионер веќе 15 години, познат музичар не само во Прилеп. Со 78 години никако да ја остави виолината. Член е на оркестарот на КУД Пензионер при Здружението на пензионерите во Прилеп.

-Свирам на виолинаод шесто-седмо одделение во 1957 година во нижото музичко училиште. Потоа како наставник во истото училиште подготвив и од мојата класа излегоа доста добри виолинисти. Виолината ми е вродена. Наследна ,,мана,, што би се рекло. Татко ми свиреше на виолина, јас продолжив, а по мене почна да свири син ми Љупчо. Тој е член на групата Балканика – вака ја започна Никола Тумбески својата животна приказна.

Како семејство со ген, по стапките на прадедо си, дедо си е тргната и внуката од ќерка, Благица Блажеска. Таа се образува во средното музичко училиште во Битола, се разбира на виолина.

-Израстевме со музиката и со виолината. На сцена е четвртата генерација. Таа со успех го совладува нашиот семеен инструмент – додава Тумбески.

Познатиот виолинист Тумбе нема група, бенд во градот во кој не свирел. Не се знае бројот на концерти во државава и надвор. Бил дел од музичката група на КУД Мирче Ацев на Тутунскиот комбинат. Бил гостин цел месец кај нашинците во Австралија. Настапувал и во Шпанија. Или како што вели тој, потребно е да се мисли со месеци, ако не и со години, да се присети каде го изразил талентот со триење на жиците со гудалото и создавање на милозвучни тонови, мелодии и музика со благородниот инструмент – виолината. Свирел и во Шведска, Германија, Словенија со пензионерите…

-Активен сум во оркестарот на пензионерско друштво Пензионер. Свирењето ми претставува посебно задоволство, небаре сум сраснат со виолината. Постојано вежбам и на овие години. Насекаде може да ме видите со инструментот в раце. Тоа за мене е храна, ми ја полни душата. Плус ми е задоволство што имам наследници. Синот е признат виолинист, а и внуката добро напредува, нижи награди на различни нивоа во Македонија и надвор – завршува пензионерот Тумбески.

Не мисли да го остави инструментот. Ќе свири додека може да ги стега жиците и гудалото на виолината, оти музиката го подмладува и му го продолжува животот.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.